СРБИТЕ СЕ ПОВЛЕКОА ОД ИНСТИТУЦИИТЕ НА КОСОВО И ПОДНЕСОА НЕОТПОВИКЛИВИ ОСТАВКИ

0
529

Неотповикливи оставки на своите функции денеска поднесоа градоначалниците на четирите мнозинско српски општини во Северно Косово, советниците, пратениците во Косовското собрание, судиите, обвинителите, вработените во администрацијата во обвинителството и судството, како и припадниците на Косовската полиција во регионот север.

Соопштувањето на оваа одлука на прес конференцијата на Српската листа во Звечане беше проследено со гласен аплауз од присутните , додека полицајците пред телевизиските камери ги соблекоа и униформите кои ги носеа. Претседателот на Српската листа, Горан Ракиќ, изјави дека оваа одлука била едногласно донесена на денешниот состанок во Звечане.

– Одлучивме да излеземе од сите политички институции, Собранието, Владата и четири општини на северот на Косово, но и да го напуштиме учеството на Србите во судството, полицијата и административниот персонал во четирите општини на северот – рече Горан Ракиќ, претседател на Српска листа, партијата на Србите од северот на Косово која ја има поддршката од Белград.

Тој додаде дека овие одлуки за напуштање и суспендирање на институциите остануваат во сила се до моментот додека „Приштина не почне да го почитува меѓународното јавно право и договорите договорени во Брисел“, односно, според Ракиќ, додека не ги повлече едностраните и незаконски одлуки за пререгистрација, додека не ја формира Заедницата на српските општини во согласност со првиот договор и сите други договори склучени за ова прашање во дијалогот.

Лидерот на СЛ, Горан Ракиќ, кој беше единствен министер Србин во владата на Албин Курти, поднесе оставка од челната функција во Министерството за заедници и враќање. Одлуката уследи по разрешувањето на директорот на полицијата на Косово за северниот регион, Ненад Ѓуриќ, кој одби да ја спроведе одлуката на владата за пререгистрација на возилата со таблички издадени од Србија и опремување со таблички со ознаката РКС – Република Косово.