Директорот на затворот „Скопје“ во Шуто Оризари, Бобан Утковски, во изјава за медиумите тврди дека не можело да се случи примопредавање на писмена изјава меѓу обвинетите Љупчо Палевски-Палчо и Влатко Кешишов бидејќи протоколите за спровод на притворени лица го оневозможуваат тоа.
Имено, обвинетиот Кешишов на крајот на денешното рочиште преку својот адвокат побара збор и кажа дека изјавата дека Љупчо Палевски-Палчо не бил присутен за време на грабнувањата и убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, која ја поднел до судот, не била негова. Ја напишал под принуда на Палевски додека со комбе биле спроведувани од затворот каде што издржуваат притвор во судот и назад.
За директорот на затворот не е спорно тоа што двајцата обвинетите биле спроведувани заедно во исто комбе, бидејќи судот дотогаш не побарал тие одвоено да бидат однесени на рочиште.
„Тие пред да се стават во возило се претресуваат од наш вработен, им се ставаат лисици и се ставаат во означено возило. И има физичко присуство од полицаец. Не е спорно дека тие се возени двајца по двајца додека надлежниот судија не даде поинаква инструкција да се возат одделно. Затоа можам одговорно да потврдам дека такво нешто се нема случено затоа што имаме и видеозапис од претрес врз лицата“,
вели Утковски во изјава за Телма.
Дел од медиумите објавија и дека по извршен претрес во ќелиите на двајцата обвинети не било најдено писмо ниту, пак, мобилни телефони.
На претходното рочиште судијата Ивица Стефановски извести дека обвинетиот Влатко Кешишов поднел писмена изјава доставена од затвор во која вели дека Љупчо Палевски-Палчо на 22 и 27 ноември лани не бил со него, со Велибор Манев и со Боре Видевски, кога биле грабнати и убиени Вања и Панче и дека спиел во штабот на партијата Десна.
Денеска Кешишов излезе со нова верзија.
„Изјавата не е моја”,
рече Кешишов додавајќи дека со Палевски на двапати заедно биле превезувани.
Тој појасни дека Палевски во комбето на затворската полиција му дал ливче со напишана изјава и му кажал да ја препише со свој ракопис и да ја поднесе до судот.
Прашан од судијата зошто го направил тоа, рече: „Од страв“.
Во врска со тоа што на двапати Палевски и Кешишов биле спроведувани од и во затворот заедно, судијата на крајот од денешното рочиште ѝ нареди на затворската полиција спроводот да го врши со четири комбиња, односно секој од обвинетите да биде посебно спроведуван.
Неговиот адвокат Игор Ефремов во изјава за медиумите рече дека Кешишов ја повлекува изјавата, а случајот треба да биде предмет на Обвинителството.
„Содржината нема да ја коментирам особено не по денешното појаснување од истиот… Значи веднаш по завршувањето на судењето (на денешното рочиште) самиот судија побара од затворската полиција, транспортот, отсега па натаму да се одвива со четири комбиња и секој да се транспортира одделно, токму поради вакви влијанија. И дополнително сметам дека дадената ваква изјава поднесена од обвинетиот е предмет можеби и за Обвинителството. Треба истите да ги испитаат ваквите постапки и сомнежи и натаму нека постапуваат како мислат“,рече Ефремов.
Прашан дали обвинетиот Кешишов го има оригиналното ливче кое, според неговото тврдење му го дал првообвинетиот Палевски, Ефремов рече дека тоа го остава на Обвинителството да го открие.
Инаку, пред денешното рочиште изјави дадоа обвинителките Жаклина Крстевска-Јосифовска и Ана Стојковиќ-Димитровска кои рекоа дека пишаната изјава на Влатко Кешишов, во која тврди дека Љупчо Палевски-Палчо не бил присутен за време на убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, во оваа фаза од постапката нема доказна вредност.