СПОРЕД ВЕШТАКОТ ЕЛЕКТРИЧНАТА ИНСТАЛАЦИЈА ВО МОДУЛАРНАТА БОЛНИЦА ВО ТЕТОВО БИЛА ИЗВЕДЕНА ОД СТРАНА НА ,,БРАКО” БЕЗ ДОКУМЕНТИ И БЕЗ НАДЗОР

0
635

Овластениот вештак по еклектротехника Ирфан Шаќири на денешното рочиште сведочеше дека електричната инсталација во модуларната болница била изведена од двајца вработени во Клиничката болница, без никаков надзор од стручни лица. Додаде дека целата постапка не била изведена согласно прописите за ваков тип градба

Изведувањето на електричната инсталација во модуларната болница во Тетово, која се запали во септември 2021 година, било реализирано со недостиг на голем број документи потребни за ваков тип градба.

Ова на денешното судење за пожарот во болницата во кој загинаа 14 луѓе го изјави Ирфан Шаќири, кој сведочеше во улога на овластен судски вештак по електротехника.

Тој кажа дека по наредба на Јавното обвинителство извршил вешт наод за можните индиции за појава на пожар во модуларната болница, при што нагласи дека целата постапка за изведување на електричната инсталација во објектот од почеток до крај не е изведена согласно прописите и правилниците за ваков тип градба.

„Самиот чин на приклучување на објектот во напонската мрежа на операторот е изведена од двајца вработени во Клиничката болница без изготвување документ, односно елаборат којшто е неопходен за ваков тип. Целата работа на овие двајца електричари е изведена без никаков надзор од стручни лица овластени електроинженери, овластени од нашата Комора на електроинженери“посочи вештакот по електротехника Ирфан Шаќири за време на судењето.

Вештакот додаде дека објектот на модуларната болница бил проектиран и конструиран од компанијата „Брако“ по барање на Министерството за здравство, но кажа дека според изјавата на компанијата, нивната должност била единствено да го изготват и монтираат објектот на конкретната локација.

„Од нивна страна во делот на електричната инсталација, исто така, нема елаборат, бидејќи, како што велат, од нив никој не барал да изготват таков документ. Од нивна страна мене ми беше приложена само една шема која е битен елемент во процес на електрична инсталација, документ за сите уреди во самиот објект, но, како што ми беше посочено, била изготвена само за нивни интерни употреби, не беше валиден документ“додаде вештакот Ирфан Шаќири.

Дописникот на МИА од Тетово јавува дека пред почетокот на денешното судење, пред зградата на тетовскиот суд се собрале група граѓани во знак на поддршка на обвинетиот д-р Бобан Вучевски, за кого сметаат дека како лекар не треба да има обвинение во овој судски процес.

Обвинетите, директорите Фљорин Бесими и Артан Етеми, докторот Бобан Вучевски и претставник на Клиничка болница Тетово како правно лице на почетокот на судењето истакнаа дека го разбираат обвинението, но не признаваат вина и дека не ги сториле делата за кои се товарат.

Судењето за пожарот во тетовската модуларна болница што се случи на 8 септември 2021 кога животите ги загубија 14 луѓе, а десетина беа повредени почна на 7 декември лани откако од септември 2022 дотогаш судскиот процес беше неколкупати одложуван.

Следното рочиште за овој случај ќе се одржи на 21 март.