СПОРЕД АНКЕТАТА НА ИРИ СДСМ ВОДИ СО 19% НАСПРОТИ ВМРО-ДПМНЕ СО 16%

0
243

Доколку утре се одржат локалните избори за СДСМ ќе гласаат 19% од анкетираните а за ВМРО-ДПМНЕ 16%, покажува анкетата на ИРИ спроведена пред 3 месеци.

Според неа, во албанскиот блок ДУИ има поддршка од 7%, Алијансата 6% а Левица 5%. За БЕСА рекле дека ќе гласаат 4% од анкетираните.

Меѓу политичарите и натаму најпопуларен е премиерот Заев кој има 10% поддршка кај анкетираните. Тоа е најниска поддршка за Заев од доаѓањето на власт кога според ИРИ во него верувале 16% од анкетираните.

Во Мицкоски веруваат 6% од анкетираните и тоа е највисок рејтинг на лидерот на опозицијата од преземањето на партијата. Во Али Ахмети доверба имаат 5% од граѓаните колку што е и поддршката за Зијадин Села.

Во Скопје на локалните избори 21% ќе гласаат за кандидатот на СДСМ а 16% за оној кој ќе го предложи ВМРО-ДПМНЕ.

28% од граѓаните сметаат дека државата се движи во погрешна насока додека 20% сметаат дека политиките ја водат Македонија во добар правец. Сепак, близу 40% рекле дека земјава е помалку стабилна од минатата година а за граѓаните најголем проблем е невработеноста и ковид пандемијата.

Дури 67% од анкетираните сметаат дека Владата на Заев не успева да ги реши овие клучни проблеми додека 30% се убедени во спротивното.

Во однос на ковид пандемијата 63% од анкетираните сметаат дека Владата не се справува добро додека 35% се на став дека на добро се справува со проблемите кои ги донесе корона вирусот. 50% од анкетираните би сакале да се вакцинираат додека вакциниација одбиваат 32%.

Телевизиите и натаму се прв избор на граѓаните кога станува збор за политички информации а Сител и натаму е на врвот далеку пред конкуренцијата.

Анкетата за ИРИ ја спровела агенцијата Брима по метод лице в лице во периодот од 4 март до 6 април годинава врз репрезентативен примерок од 1222 испитаници со маргина на грешка од 3,6 поени.