Спасов: Не сме исти, Заев е тој што носи лузни на главата од насилството на ВМРО ДПМНЕ, а не татиниот син

0
520

Има луѓе кои се разочарани од сите партии. За нив “сите се исти”. И затоа тие одлуката за тоа кој ќе ја предводи идната влада им ја оставаат исклучително на приврзаниците и членовите на партиите. Таквите сакаат себе си да се сметаат за политички неoпределени, а всушност се рамнодушни во однос на тоа што ќе и се случува на Македонија под влијание на погрешен политички избор.

Ним им сеедно која партија ќе биде на власт бидејќи најчесто од власта наводно ништо не им зависело.
Но дали е така?

Во 1990 година ВМРО-ДПМНЕ имаше најголем број пратеници. Но, да не беа Глигоров и СДСМ земјата уште тогаш ќе влезеше во војна и никогаш немаше да стане членка на ОН. И тогаш се виде дека не сме исти. И додека Глигоров и владата на СДСМ правеа болни компромиси со Грција тие говореа дека следниот конгрес на партијата ќе ги држат во Солун.

Во 1994 година кога по првиот круг видоа дека катастофално ќе изгубат од Коалицијата Сојуз за Македонија го бојкотираа вториот круг со обвиненија за груби фалсификати.

Во 1998 година формираа влада со ДА на Васил Тупурковски кој ветуваше една милијарда инвестиции од непознати извори. Во тајна мисија отидоа во Тајван и ја признаа неговата незaвисност, по што Кина, која меѓу првите држави во светот ја призна Македонија под уставното име стави вето на мисијата на ОН која ја чуваше границата кон Косово и Србија за да не се прелее војната на територијата на Македонија. А кога во 2001 започна таа војна пласираа идеи за размена на територија и население со Косово и Албанија односно за територијална поделба на земјата по етничките линии.

Тогаш СДСМ остро се спротистави на тие идеи. Влезе во влада на широка коалиција и спречи војната да се прошири и да ја сподели одговорноста за потпишување на Охридскиот рамковен договор. И затоа не сме исти.
Во 2006 година се заборавија опасностите од војната во 2001 година. Повторно победи Груевски со ветување дека нема да прави влада со “терористите” и ќе се борел против корупцијата и криминалот.
Од тогаш до 2016 година гледавме што направија. Немаше ниту судство ниту правда ниту слободни медиуми. А зад лажниот патриотизам се одвиваше најголемиот грабеж во историјата на земјата преку проектот ” Скопје 2014″ и слични проекти.

Во потрага по “античките корени” на современата македонска нација со помош на политичка инструментализација на историјата создадоа конфузија во нациoналниот идентитет и ја оддалечија земјата стотици милји од остварувањето на стратешките цели, членството во НАТО и во ЕУ.
Само за две и пол години влада на СДСМ, од јуни 2017 година, решени се најтешките прашања во мачната македонска историја. Македонија е членка на НАТО и има одлука на ЕУ за започнување на преговори за членство.
И затоа не сме исти.

СДСМ никогаш не посегнувал по насилство во политичките битки.
А оние кои денес тврдат сите се исти сакаат да му го заборават на ВМРО-ДПМНЕ и црниот понеделник и крвавиот четврток во Собранието.
Е затоа не сме исти.
Тие што сметаат дека сите се исти нека се ослободат од својата политичка надменост или неукост и нека не се кријат за својата наводна политичка непристрасност.

Сега е време, сите што некогаш членувале, па и го напуштиле СДСМ од некои причини и со кои сме се бореле заедно за исти вредности и идеали, да се сетат колку СДСМ е различен од ВМРО ДПМНЕ и дека не сме со таа партија исти.
Време е сите тие да бидат горди на СДСМ и без размислување да му ја дадат својата поддршка на овие избори. СДСМ има сила од внатре да се менува и да биде секогаш подобар.
Сега е време оние што никогаш не биле членови на било која партија од свои причини, конечно да се сетат и потсетат дека не сме исти. Заев е тој што носи лузни на главата од насилството на ВМРО ДПМНЕ, а не татиниот син. Е, не сме исти. И нема да бидеме додека тие не сфатат дека со политики од 19 век не може да се води Македонија во 21 век.

Фејсбук статус на Ѓорѓи Спасов