СПАСОВСКИ СО АЛБАНСКИОТ КОЛЕГА ЧУЧИ ПОТПИШАА ОБНОВЕНИ АРАНЖМАНИ СО ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА ЗА БОРБА ПРОТИВ ТЕРОРИЗМОТ ВО ЗАПАДЕН БАЛКАН

0
126

Комисијата денеска потпиша ревизија на билатералните аранжмани со Албанија и Северна Македонија, обновувајќи ги активностите за спроведување на Заедничкиот план за акција за борба против тероризмот во Западен Балкан. Ова дополнително ќе ја надогради соработката во полето на борбата против тероризам, спречување и борба против насилен екстремизам. Аранжманите ги потпишаа Комесарката за внатрешни работи Илва Јохансон, министерот за внатрешни работи на Албанија, Бледар Чучи и министерот за внатрешни работи на Северна Македонија, Оливер Спасовски.

Комесарката за внатрешни работи Илва Јохансон изјави: „Заедничкиот план за акција за борба против тероризмот останува столб на нашата соработка со Западен Балкан за да осигураме заедничка безбедност. Го поздравуваме напредокот постигнат од Албанија и Северна Македонија во спроведувањето на приоритетните акции, а потпишувањето на овие обновени аранжмани е конкретен знак за нашата континуирана вклученост и поддршка за нашите партнери.“Министерот за внатрешни работи на Албанија, Бледар Чучи изјави: „Потпишувањето на ревидираниот аранжман ќе ни овозможи, заедно со ЕУ, подобро да се соочиме со заканата што ја поставува тероризмот, да го усогласиме нашето законодавство со законодавството на ЕУ и да ги подобриме нашите капацитети. Размената на информации во рамките на овој договор ќе обезбеди појасна слика за вистинските закани и подобра подготвеност за справување со тероризмот и насилниот екстремизам.“

Министерот за внатрешни работи на Северна Македонија, Оливер Спасовски изјави: „Задоволен сум што сум тука да го потпишам овој ревидиран аранжман со Европската комисија. Се појавуваат нови безбедносни закани и предизвици и покажуваме дека меѓународната соработка е од најголема важност. Ревидираниот аранжман ќе им овозможи на Северна Македонија и на ЕУ поблиску да соработуваат за да предвидат, спречат, заштитат и одговорат на терористичките закани. Тој исто така ја покрива областа на спречување на насилниот екстремизам и поларизацијата на нашите општества поттикнати од дезинформации“.Ревидираните аранжмани меѓу Комисијата и властите на Албанија и Северна Македонија идентификуваат конкретни приоритетни акции во областа на соработката против тероризмот што ќе се спроведуваат во текот на 2023 година и 2024 година. Властите на двете земји имаат намера двапати годишно да поднесуваат извештаи до Комисијата за состојбата со спроведувањето. Аранжманите предвидуваат поддршка на Комисијата за постигнување на активностите.

Аранжманите се дел од поширокиот Заеднички план за акција за Западен Балкан, потпишан во октомври 2018 година, кој обезбедува сеопфатна рамка за акција за борба против тероризмот и спречување и борба против насилниот екстремизам во регионот на Западен Балкан. Овој зајакнат договор за безбедност е една од шесте водечки иницијативи во Стратегијата на Комисијата за Западен Балкан и одговара на повикот од Софиската декларација од мај 2018 година за зголемена соработка во борбата против тероризмот и екстремизмот. Валидноста и важноста на Акцискиот план беше реафирмирана на Министерскиот форум за правда и внатрешни работи ЕУ-Западен Балкан што се одржа во 2020 година и 2021 година.

Претходните аранжмани за имплементација на Заедничкиот план за акција за борба против тероризмот во Западен Балкан беа потпишани со властите на Албанија и Северна Македонија во октомври 2019 година. Комисијата денеска потпишува ревидирани аранжмани со обновени дејствија. Комисијата продолжува да работи и со другите четири партнери од Западен Балкан, Босна и Херцеговина, Косово*, Црна Гора и Србија на спроведувањето на тековните активности вклучени во соодветните билатерални аранжмани за да се постигне дополнителен напредок и да се надополнат овие аранжмани со нови активности во иднина за постигнување на целите поставени со Заедничкиот план за акција.