СПАСОВСКИ ОД АЛСАТ М : ТРЕБА ДА ИМАМЕ ДОГОВОР ОКОЛУ НАЦИОНАЛНИТЕ ИНТЕРЕСИ, А НЕ ОКОЛУ КРИМИНАЛОТ – НЕ ПОДДРЖУВАМ АМНЕСТИЈА ЗА 27 АПРИЛ

0
446

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во магазинот „360 степени“ на Алсат М телевизија, во однос на предлог законот за целосна амнестија на сите осудени од 27 април, поднесен денеска од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, потенцираше дека е апсолутно против таков закон.

„Неказнивоста може да предизвика нови проблеми. Се сеќавате на 24 декември 2012 година кога од страна на државата, преку злоупотреба на полицијата беа исфрлени и пратеници и новинари од парламентот за да се донесе буџетот и задолжувањата кои им беа потребни на тогашната Влада?! Тогаш никој не презема ниедна мерка за да се истражи тој случај и да се утврди евентуална одговорност – дисциплинска, политичка или кривична. И тогаш укажував дека ако остане состојбата неказнета ќе ни се случи нов случај, и на крај сите знаете дека ни се случи 27 април, кога беше нападнато демократското и уставното уредување,“ истакна министерот Спасовски.

Во однос на тезата дали е сепак можно во политички пазар ВМРО-ДПМНЕ да поддржи уставни измени, а СДСМ да го поддржи Законот за целосна амнестија за 27 април, Спасовски дециден:

„Ние треба да имаме договор околу националните интереси, а не околу криминалот. Треба да разговараме и да постигнеме консензус околу остварувањата на националните интереси, а тоа е нашиот пат кон Европската Унија.“

Спасовски истакна дека националниот консензус за иднината на државата во Европската Унија не треба да биде само во вид на декларативни заложби: „Ако сме сите реално за нашиот пат кон Европската Унија – не само декларативно – треба да постигнеме консензус по тоа и да ги поминеме сите потребни чекори. Отворањето на Уставот е само првиот дел од тоа. Во текот на преговорите над 150 пати ќе биде потребно двотретинско мнозинство за измена на нашето законодавство преку кое ќе го докажуваме тој консензус“.