СПАСОВСКИ ОДРЖА ПРЕДАВАЊЕ ВО ШВЕДСКА ЗА БОРБАТА ПРОТИВ ТЕРОРИЗАМ

0
214

Со координирана акција и активна меѓународна соработка до справување со современите глобални безбедносни ризици.

Денеска се обратив на втората сесија на Конференцијата на ОБСЕ, во организација на Шведска, како годишен претседавач со ОБСЕ, а на тема „Зајакнување на сеопфатен пристап за спречување и борба со тероризам и насилен екстремизам и радикализација кои водат до тероризам во променливи околности“.

Како одговор на безбедносните ризици и предизвици, Република Северна Македонија постојано ги надоградува своите национални капацитети, согласно безбедносната стратегија и напорите на меѓународната заедница за заедничка борба против тероризмот со цел јакнење на меѓународната, регионалната а и националната безбедност.

За справување и превенирање на појавите на насилен екстремизам и тероризам се планираат и преземаат интензивни мерки и дејствија на национално ниво, преку координација на 22 различни институции во рамките на Националниот комитет за сузбивање на насилен екстремизам и радикализам и борба против тероризам, како и во рамките на МВР, односно БЈБ, преку функционирањето на формираниот посебен Сектор за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам, во чиј состав функционира и Одделението за превенција.

Во насока на справување со глобалните безбедносни предизвици, Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија, преку своите надлежни служби активно партиципира и соработува со меѓународни организации и институции во размената на податоци од безбедносен интерес, за прашања кои ја засегаат европската безбедност.

Унапредувањето на овој вид соработка овозможува реално димензионирање на појавите и тенденциите на глобалните безбедносни феномени и благовремена реакција за нивно спротивставување.