Денеска (25.05.2023), министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски го посети Одделот за воздухопловни единици во седиштето на Хеликоптерската единица за полициски намени во Идризово, која во рамки на МВР постои веќе 54 години. Министерот Спасовски оствари работна средба со раководството на Одделот за воздухопловни единици, по што следеше разгледување на воздухопловите и опремата за нив, поставени на платото пред хеликоптерските хангари во Идризово.
„Бележејќи континуиран напредок особено во последниве неколку години, како технички, така и кадровски, Хеликоптерската единица успеа сите потребни стандарди – технички, образовни, професионални – во целост да ги сообрази со полициските стандарди на истородните единици од земјите на ЕУ. Во изминатиот неколкугодишен динамичен период на развој беше инвестирано во низа неопходни инфраструктурни потреби на Единицата, не само од аспект на материјално-техничките потреби како што се реновираниот објект на Единицата, рампа за десантирање на тимови од воздух, ведро и резервоари за гаснење пожари, туку и персоналното опремување на вработените со летечки униформи и специјална летечка опрема, но и униформи за персоналот за техничко одржување.