СПАСОВСКИ НА КОНФЕРЕНЦИЈА ЗА РОДОВА ЕДНАКВОСТ : ОБЈЕКТИВЕН И ПРОВЕРЛИВ ПРОГРЕС НА ЗАСТАПЕНОСТ НА ЖЕНАТА ВО ПОЛИЦИСКИОТ СИСТЕМ НА МВР

0
357

Денеска, (06.03.2023) министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски со свое обраќање беше дел од Конференција во организација на Министерството за труд и социјална политика во рамки на караванот за родова еднаквост на тема „Униформа, оклоп кој значи ранливост – нашата секојдневна борба на два фронта”, што се одржа на Факултетот за безбедност во Скопје. На Конференцијата свои обраќања на темата имаа и: министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, министерката за одбрана Славјанка Петровска, деканот на Факултетот за безбедност, Никола Дујовски, државната секретарка во МВР, Магдалена Несторовска, аѓутантката на Претседателот на Република Северна Македонија, Билјана Блажевска, професорката од Факултетот за безбедност, Стојанка Мирчевска, претседателот на МПС, Марјан Кицев и претставнички и претставници од Министерствата за внатрешни работи и одбрана во униформа.

Министерот Спасовски, во своето обраќање рече – ,,Наша задача како креатори на политики е да се залагаме за економска и социјална рамноправност, за создавање услови за нашите мајки, сопруги и ќерки, за нашите колешки и соработнички полесно да се справуваат со дискриминацијата, насилството и сиромаштијата”. Спасовски истакна дека во однос на принципот на застапеност на жената во полицискиот систем на Министерството за внатрешни работи, направен е објективен и проверлив прогрес.

„Напредокот на имплементацијата од овој аспект секогаш може и треба да биде подинамичен, особено ако се има предвид дека се креирани сите потребни нормативни и професионални претпоставки. Токму во поглед на родовата рамноправност и правичната застапеност, во последниве неколку години многу работи придвиживме во Министерството за внатрешни работи. Од година во година се зголемува бројот на жени кои се на раководни позиции, не само во рамки на МВР, туку и во делот на работењето на Бирото за јавна безбедност – имаме колешки кои се раководителки на Оддели, помошници директорки, началнички, командирки на полициски станици или на полициски одделенија. Денеска можеме да се пофалиме со жени кои се вклучени во Одделот за специјални полициски операции, поточно во Единицата за брзо распоредување, Единицата за интервентна полиција, Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ и Хеликоптерската единица, што порано не беше случај”, рече Спасовски.

Министерот Спасовски истакна дека продолжува вложувањето во задоволна полиција и во 2023 година. „За изградба на силна институција и етаблирање на полицијата како гарант за заштита на законитоста во интерес на сите наши граѓани, ние и во 2023 година континуирано вложуваме во нова генерација на комплетно опремени и задоволни полициски службеници. Реформскиот курс што ова раководство го одреди на почетокот на мандатот, за динамично и сеопфатно подобрување на условите за работа, овозможувајќи целосно сообразување со стандардите и вредностите на функционирање на модерните полиции во светот – продолжува со несмалено темпо”, порача Спасовски на крајот од своето обраќање.

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска истакна дека родовата еднаквост е од суштинско значење за искористување на потенцијалот на целото општество, а не само 50 отсто од него. „Остварувањето на правата на жените се инструмент за економски раст и благосостојба, додека врската помеѓу зајакнувањето на жените и мирот и безбедноста е во сржта безбедноста агенда. Жените, припаднички на полициските служби се носители токму на овие промени за заштита од насилство врз жените и семејно насилство, бидејќи тие се оние кои први ги добиваат пријавените случаеви, први излегуваат на терен и обезбедуваат заштита за жените и во некои случаи и за нивните деца. Токму затоа и тие треба да се соодветно заштитени од насилство, вознемирување на работното место, дискриминација под однос на пол, сексистички коментари и вознемирување“, истакна министерката Тренчевска.

„Долги години за жал владееја стереотипите дека безбедниот сектор, особено високите раководни позиции се резервирани исклучиво за мажите. Но, со нашата упорност, истрајност, мудрост успеавме тоа да го промениме”, рече министерката за одбрана Славјанка Петровска и изнесе податоци кои сведочат за зајакнувањето на положбата на жените во одбраната во последните неколку години.
„Во 2012 година, процентот на застапеност на жените во униформа бил 5,7 отсто, додека денес имаме скок на 10,8 отсто застапеност. Висок раст бележи и процентот на жените офицерки кои во 2012 година биле само 9 отсто додека денес тој процент е двојно поголем. Во 2012 само една жена била полковник, денес се седум. Во Министерството за одбрана, вкупната застапеност на жените е 47 отсто додека процентот од 48 отсто жени на раководни позиции е најголем во изминатите години”, рече Петровска.

„Користете ја својата позиција, својата функција своето работно место, за да ги смените и подобрите условите за работа, да ги смените законите, да ја смените реалноста на начин кој ќе овозможи што помалку жени да бидат жртви на насилство, на трговија со луѓе, на злоупотреби, на дискриминација, што повеќе жени да добијат соодветна заштита ако се нападнати, да добијат помош ако им е потребна, зошто, жените се најчесто ранлива категорија. Застанете зад жена, секогаш ама секогаш, кога е жртва на насилство, кога е нападната, омаловажена, дискриминирана, кога е жртва на говор на омраза, кога е исмеана, или повредена!“, рече Магдалена Несторовска, државна секретарка во Министерството за внатрешни работи.

„Факултетот за безбедност е горд што има можност да ги поздрави сите горди, храбри, достоинствени жени кои се силно вградени во безбедноста и безбедносниот систем на Северна Македонија, како и професорките и студентките на Факултетот кои се носители на развојот на високото образвание во областа на безбедноста и активно учествуваат во промовирањето на родовата еднаквост и еднаквите можности за сите. Токму ова се вистинските одлики на секое демократско општество, право и должност на секој поединец, но и можност за градење на квалитетни политики кои ќе го подигнат животниот стандард, професионалните компетенции и посветеноста на сите припадници на безбедносните институции“, истакна проф. д-р Никола Дујовски, декан на Факултетот за безбедност.

Првата жена Аѓутантка на Претседателот на РСМ, Пендаровски, Билјана Блажевска, посочи дека, жените и мажите мора да се обединат во заедничка и инклузивна мисија за спроведување на позитивна промена. „Затоа, треба да продолжиме да ги промовираме правата на жените и да се стремиме да обезбедиме родова перспектива, родова рамнотежа и родова еднаквост. Кога зборуваме за унапредување на родовата еднаквост, не зборуваме за „де факто“ еднаквост помеѓу мажите и жените, туку за создавање услови за жените да имаат еднакви можности како и мажите за да го постигнат својот целосен потенцијал”, рече Блажевска.

Професорката на Факултетот за безбедност Стојанка Мирчева, посочи дека, сериозен предизвик за жените во униформа е соочување со мачоизмот, сексуално вознемирување, сексизам, минимизирање и патернализирање односно татковски однос кон женските колешки со што се минимизира улогата на жената. „Целта е преку полициската култура и субкултура да го постигнеме балансот и родовата еднаквост, но не за задоволување на бројките, туку за постигнување вредности. Сметам дека времето е зрело за да се менува односот и полициската култура“, истакна Мирчева.

„Една од причините да станам полициски службеник, а потоа и припадничка во ЕБР ми беше предизвикот и можноста да докажам дека оваа професија не е само „машка професија“ и дека и ние жените можеме успешно да ги извршуваме своите работни задачи „рамо до рамо“ со своите колеги,“ истакна Ирена Спирова, самостојна инспекторка за планирање и операции, единица за брзо распоредување, Оддел за специјални полициски операции. Таа посочи дека, кога при изборот на професија ја работиш работата што ја сакаш не постои нешто неостварливо и невозможно. Притоа, дополни: „Иако сеуште постојат предрасуди кај дел од граѓаните дека оваа професија е предодредена за мажите, за нас таа е реалност и наше секојдневие. Мојата порака е дека професиите не треба да ги делиме на машки и женски професии, главен императив и вреднување за секој поединец треба да биде базиран исклучиво на професионализмот и степенот на компетентност на личноста.“

„Во текот на мојата 30 годишна работна кариера сум извршувал работи и работни задачи рамо до рамо со колешки дури и во најсложени безбедносни ситуации. На почетокот од мојата кариера во МВР имаше многу мал број вработени колешки, но во изминатите 5-6 години благодарение на родовата политика на министерот Спасовски и неговиот тим тој број значително се зголеми. Како претседател на Македонскиот полициски синдикат исто така давам силна поддршка на 2400 наши членки вработени во МВР, АНБ,АР и УФП, во промоцијата и унапредувањето на женските права. Треттата и најважната заложба која ја негувам секојднвено, е семејна – тоа е поддршката што ја давам на мојата сопруга која е вработена во МВР повеќе од 25 години,“ истакна Марјан Кицев, претседател на Македонскиот полицискиот синдикат.

„Доколку од аспект на планирањето и спроведувањето на воените операции велиме дека имплементацијата на родовата перспектива ќе ја зголеми оперативната ефикасност на операциите тогаш со сигурност можеме да кажеме дека родовата перспектива во општеството ќе го направи светот подобро место за живеење. Оваа порака нека биде императив за поттик и делување како за нас професионалците во армијата така и за сите нас во општеството,“ истакна Томе Пеев, потполковник во Армијата на Република Северна Македонија.

Потполковник Александра Доневска која е офицер за родова еднаквост од Кабинетот на Началникот на Генералштабот на Армијата, истакна, дека зададената ЦЕЛ, може да се постигне, без разлика на тоа дали имало или немало стереотипи, кога ќе се постигне целта, се докажува дека тие стереотипи не се вистински и можат да се променат. А жените што се на служба во армијата, до сега придонесувале и треба да дадат уште поголем придонес во оспорувањето на општествените стереотипи и да докажат дека жените можат да одговорат на поставените задачи исто како и своите колеги. За да бидеш жена во униформа сметам дека пред се треба да си амбициозна истрајна, храбра и пожртвувана, а после тоа и вистински професионалец во извршување на своите задачи.”