Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денес со свое обраќање зема учество на трибината „И машкото здравје е важно” организирана од Здружението за унапредување на здравјето „Филип Лукароски” и Македонскиот полициски синдикат по повод месецот на машкото здравје. Спасовски истакна дека машкото здравје често е тема за која не се дискутира доволно отворено, иако генерално социјалните норми и предрасуди спречуваат мажите да бараат помош или ако сакате – дури и да зборуваат за своите здравствени проблеми а посочи на фактот дека и тие споделуваат подеднакво исти проблеми кога зборуваме за здравјето како и припадничките на понежниот пол.
„Од аспект на Министерството за внатрешни работи, веќе со децении наназад, особено поради природата на работата, на надлежностите и одговорностите на вработените, независно дали станува збор за полициски службеници, овластени лица или службеници, нивната психо-физичката состојба се третира со особено должно внимание не само како организациски туку и како суштински неспорен критериум нормиран преку низа интерни акти и правилници а се со цел постигнување максимален професионален потенцијал во извршување на секојдневните задачи.”, рече Спасовски.