СПАСОВСКИ : ГИ ПОДОБРУВАМЕ СООБРАЌАЈНИТЕ КАПАЦИТЕТИ ВО НАСОКА НА ЗАБРЗАН ЛОКАЛЕН И РАМНОМЕРЕН РЕГИОНАЛЕН РАЗВОЈ

0
140

Денеска, (27.09.2022) министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, заедно со претседателот на Владата на РСМ, Димитар Ковачевски, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, како и претставници на Светска банка и градоначалници од општините од нашата држава, присуствуваа на настан реализиран по повод отпочнување на владиниот „Проект за поврзување со локалните патишта” во општините, односно за рехабилитација на локалните сообраќајници, што Министерството за транспорт и врски со средства од Светска банка го реализира во нашата земја.

„Овој проект со право заслужува третман на капитален зафат, што во голема мерка ќе ги подобри сообраќајните и транспортните капацитети како во насока на локален и рамномерен регионален развој, така и генерално, во интерес на граѓаните, на економијата на државата. Станува збор за проект од широк јавен интерес, со кој што се опфатени сите наши локални самоуправи, се разбира согласно проекциите веќе стручно елаборирани и од страна на Министерството за транспорт и врски, давајќи им отворени можности на општините, преку самостојно утврдување на сообраќајно – инфраструктурните приоритети, заедно со ресорното министерство, да партиципираат во подобрување на овој суштински важен сегмент не само на локалните заедници, туку и на државата во целост”, елаборираше министерот Спасовски, при што ја потенцираше важноста за МВР од квалитетно управување со безбедноста на патишта и подобрувања на капацитетот за управување со безбедноста на патишта на ниво на општините, односно локалните заедници.

„МВР е целосно на располагање за овој капитален проект со своја стручна помош, согледувања, анализи, статистички показатели од доменот на својата работа, што ќе најдат свое место во успешната реализација на проектот”, истакна министерот Спасовски, при што го истакна и консултативното учество на службите на МВР во изработка на стручниот нацрт извештај за преглед на капацитетите за управување со безбедноста на патиштата и соодветниот акциски план.

На крајот од своето обраќање министерот Спасовски уште еднаш ја подвлече оценката дека овој проект значи силен инфраструктурен инпут, чии што рефлексии со право се очекува да бидат позитивни во многу сегменти од општественото живеење.

„Бидејќи безбедноста во сообраќајот е еден општ институционален интерес ‘пар екселанс’, која што не значи само спасување на човечки животи, како приоритет над сите приоритети, туку истовремено значи и спасување на материјални добра, анулирање на сите оние финансиски импликации кои што можат да бидат огромни доколку постојано не инсистираме на континуирано надградување на безбедносните стандарди во сообраќајот. Во крајна линија ова е уште еден конкретен показател за решеноста на институциите да работат заеднички и координирано во интерес на општиот просперитет на државата, во интерес на граѓаните”, заврши министерот Спасовски.