СО КОАЛИЦИЈА ИЛИ ПРЕКУ ПРОГОН – КАКО АХМЕТИ ПЛАНИРА ДА СЕ СПРАВИ СО ,,ОГНЕНИТЕ”?

0
542

Лидерот на ДУИ Али Ахмети не би имал ништо против доколку во рамки на најавената антикорупциска кампања „настрадаат“ и негови сопартијци, но, според извори на „Фокус“, тој работи и на создавање на коалиција со Алијанса и Алтернатива за следните избори, со која сака да ја намали вредноста на „огнената група“, независно дали ќе се одлучи за тивок бојкот или за посебни листи.

Изборот на Ислам Абази за обвинител за организиран криминал предизвикало незадоволство кај Зоран Заев, кој негодувал поради тоа што, како што веќе објавивме, неговиот наследник на лидерската позиција во СДСМ и на премиерската функција Димитар Ковачевски лесно му дозволил на Али Ахмети да истурка свој човек на местото на Вилма Русковска.

Но, последниот број на неделникот „Фокус“ пишува дека Ахмети на тој начин добива и алатка за моделирање на односите на политичката сцена, бидејќи стекна контрола врз органот што има или би имал клучна контрола при постапки против функционери, кои се очекува да се интензивираат по барањата на меѓународната заедница за засилена борба против корупцијата.

Практично, преземањето на клучното обвинителство му отвора можност плус на Ахмети да ги елиминира сопартијците групирани во т.н. огнена група, кои периодов му ги матат сметките. Според неофицијални информации, Ахмети не би имал ништо против ако некој од „огнените“ се најде под прогон, што, се разбира, нема да се претстави како внатрепартиска пресметка, туку како неселективна борба против корупцијата.