СО ИЗМЕНИТЕ ВО КРИВИЧНИОТ ЗАКОНИК ГРУЕВСКИ, КАНЧЕСКА, СТАВРЕСКИ, ТОДОРОВИЌ И АЛАРОВА НЕМА ДА ОДГОВАРААТ ЗА ,, СКОПЈЕ 2014″

0
467

,,Ороводците” на проектот ,,Скопје 2014″ нема да одговараат кривично, иако денеска беше поднесено обвинение за случајот ,,Феникс”. Обвинителот Љубомир Лапе ја финишираше истрагата и поднесе обвинителен акт, но во него ги нема главните осомничени, односно екс премиерот Никола Груевски, поранешниот министер за финансии, Зоран Ставрески, поранешната министерка за култура, Елизабета Канческа – Милевска и поранешните градоначалници на општина Центар, Владимир Тодоровиќ и Виолета Аларова.

Поранешните политичари се спасија од судење бидејќи поради неодамнешните измени на Кривичниот законик нивното кривично дело ,,Злоупотреба на службената положба и овластување” застаре.

-Според опишаните дејствија во диспозитивот на обвинението, во временскиот период од втората половина на 2008 година до крајот на 2022 година во Скопје, првообвинетиот за да прикрие дека поседува и располага со пари што потекнуваат од казниво дело и дека со нив создава нови приноси, како организатор, создал група што се занимава со перење на пари. Членови на групата меѓу другите станале и останатите четворица обвинети. Во состав на групата делувале и обвинетите правни лица меѓусебно капитално, персонално и финансиски поврзани. Во пет од обвинетите правни лица првообвинетиот се јавува како вистински сопственик, косопственик или управител. Преку поврзано и заедничко делување на членовите на групата со други домашни и странски физички и правни лица, обвинетите правни лица и нивните управители, со намера да ги внесат во јавните финансии, платниот промет и стопанството во Република Северна Македонија и да ги помешаат со легалните приходи кои понатаму ќе создаваат нови приноси од казниви дела, групата започнала да ги прима и пушта во оптек на различни начини – еден дел директно во нашата држава, а дел преку други држави кон Република Северна Македонија. Потоа со конверзија на овие средства било прикриено нивното потекло и тие биле пуштени во оптек за прибавување на имот во државава и во странство и претворени во друг вид на имот или имотни права, a со цел да се прикрие нивната понатамошна локација, движење или сопственост, стекнување на нови користи (приноси) и трансформации на незаконски стекнатите пари и нивно помешување во легалните економски текови на финансискиот систем на Република Северна Македонија, појаснија денеска од Обвинителството.