СО ВКУПЕН РЕЗУЛТАТ ОД 3-0 НАСПРОТИ ГРАДСКИОТ РИВАЛ МИЛАН, ИНТЕР Е ПРВИОТ ФИНАЛИСТ ВО ЛШ

0
450

Интер е првиот финалист во овосезонската Лига на шампиони, откако на реваншот во 1/2 финалето на „Џузепе Меаца“ го совлада градскиот ривал Милан и во вториот меѓусебен натпревар.

По оние 2-0 од првиот меч каде Милан беше домаќин, Интер вечерва славеше 1-0, благодарение на голот на Лаутаро Мартинез во 73. минута. Тимот на Симоне Инзаги откако ги надмина проблемите, и се одбрани од шансите на Милан, на крајот постигна и гол кој го „дотурка“ тимот до финалето, и до крајот само рутински ја завршија работата за обезбедување на билет во Истанбул, каде што ќе се игра финалето.

Милан овојпат го имаше и Рафаел Леао во составот, кој имаше една шанса, меѓутоа ја немаше поддршката од другите соиграчи во нападот. Одбраната на Милан добро се носеше се до таа 73. минута кога „пукна“, а тоа го искористи Лаутаро Мартинез.

Инаку за оваа победа и овој успех е заслужен и голманот Андре Онана, кој му одбрани зицер шанса на Брахим Дијаз во првиот дел, и така го спаси својот тим од негатива уште по првиот дел, која можеше да го смени текот на натпреварот и да му овозможи на Милан да се бори за пласман во финалето.

Интер во финалето кое се игра во Истанбул ќе го чека подобриот од дуелот Манчестер Сити – Реал Мадрид. По првиот меч во Мадрид беше 1-1, а утре во Манчестер почнува од почеток.