Ако сакате денеска на акција можете да си купите килограм овенат компир за 23 денари, но и леб „Деметра“ за 27 денари, со денешен краен рок на употреба. Во пресрет на утрешниот најавен бојкот на маркетите, повеќе ланци супермаркети во земјава се обидуваат да го намалат неговото негативно влијание со попусти на дел од производите.
Но, попустите на производите кои се на акција се незначителни, маркетите се речиси празни, а потрошувачите коментираат дека им е прескапа живеачката. Ваква беше денеска сликата во неколку поголеми супермаркети, пазари и помали продавници во општината Чаир, во чија обиколка беше утрово и попладнево екипа на Мета.мк.
На терен затекнавме полни рафтови, а полупразни супермаркети и пазари. На ова, секако влијае и фактот што мнозинството граѓани на крајот на месец јануари финансиски се речиси целосно истрошени. Оттука, се поставува прашањето колкумина воопшто купуваат нешто значително на 31 јануари?
Фото: Мета.мк
Она што паѓа во очи кога ќе влезете во еден од поголемите супермаркети во Чаир е што има многу производи кои се на акција, обележани со црвена боја – од месни, млечни продукти, производи за хигиена, брашно, тестенини. Од денеска, па до 5 февруари, на акција е пилешко филе на „Натур премиум“, од кое само 500 грама чини дури 239, наместо редовните 289 денари. „Данубиус“ макарони 400 грама, се намалени за цели 4 денари, па наместо за 43, може да ги купите за 39 денари. Поразговаравме со баба и дедо кои пазареа, а во рацете држеа само едно ќесе макарони и леб. „Чекаме пензија, ама за повеќе си пазариме на друго место. Сепак скапо е секаде и сè. Пензијата ми е 17.000 денари, на дедото му е помала. Не ни стасуваат парите. Месо јадеме еднаш неделно, во манџа.
Прескапа ни стана живеачката”, ни рече баба Трајанка. Една од касиерките во маркетот ни кажа дека утрово имало вообичаена фрекфенција на луѓе. „Истото го очекувам и утре. Знаете, храната е потреба, луѓето ќе купуваат. Мислам дека нема да бојкотираат”, ни рече таа.
Немаше голема раздвиженост околу пладне и во друг супермаркет во Чаир, близу до пазарот. Имаше намалувања на цените на одредени производи. Така, масло „Брилијант“ чини 88 наместо 97 денари, а најевтино млеко на акција е 50 денари за литар од некоја лесковачка млекара. Другите млека се продаваа по цена од 57, 53 денари. Низ маркетот немаше метеж. Еден повозрасен човек чекаше ред на каса со две кисели млека во корпата, а друга жена зад него држеше само еден зејтин во рацете.
Фото: Meта.мк
Во третиот маркет што го посетивме имаше низа производи на попуст, но сепак не толку многу како што беше во првиот голем супермаркет. Ако сакате можете да си купите килограм овенат компир за 23 денари, потоа, леб „Деметра“ за 27 денари, но со денешен краен рок на употреба. Тоа беше единственот леб кој е на акција од понудените десетина на различни производители. Луѓето пазареа, но и тие со по два-три производи во раце, и тоа, производи кои се на попуст. Она што паѓа во очи е што, на многу од етикетите, како краен рок за траење на акцијата е наведен 15 јануари. Прашавме една од вработените, дали сè уште важи тој попуст со оглед на тоа дека денеска е 30 јануари, на што ни одговори потврдно. „Продолжена е акцијата, не се грижете, ќе ја платите акциската цена“, рече таа.
Акциски цени начекавме на многу производи во еден од најпознатите ланци на маркети кои имаат странски сопственик. Метеж утрово немаше. На рафтовите за тестенини на пример, има производи на повеќе од 10 производители. Но, акција има само на производите на фирмата „Миско“. Така, едно ќесе тестенини, е намалено од 77 на 69 денари, со важност на акцијата до 19 февруари.Потоа, 400 грама леќа е 79 денари, 900 грама ориз е 155 денари, а половина килограм грав е 199 денари. Сите се на „Сончева долина“ и тие не беа на попуст.
Во друг голем супермаркет во Топанско Поле денеска беше пораздвижено. Луѓе пазареа во колички, а она што можеше да се забележи беше и тоа дека имаше многу производи со акциски цени – леб, тестенини, брашно, средства за домаќинство, за хигиена, месо, млечни продукти. Сепак, и пред овие случувања околу реакциите за високи цени, во овој маркет секогаш имало многу производи со намаление.
Претпладнево немаше метеж ниту на чаирското пазарче на улицата „Ќемал Сејфула“. Продавачот на овошје, од кој купивме банани по цена од 50 денари за килограм, ни рече дека ситуацијата е катастрофална веќе долго време наназад. „Што да ви кажам, катастрофа сме, немаме промет не само сега, туку и пред ова. Луѓето немаат пари, народов е сотрен од сите страни.
А и најчесто овошје и зеленчук купуваат во маркет, оти таму можат да платат со картичка, а кај нас на тезга не”, ни рече пазарџијата. Минатата недела, во Хрватска граѓаните бојкотираа продавници, трговски синџири и бензински пумпи поради постојаното зголемување на цените.
Иницијативата потекна од Фејсбук-групата „Ало, инспекторе“, а ја поддржаа здруженија за заштита на потрошувачите, синдикати, политички партии, па дури и министерот за економија. Во Хрватска инфлацијата продолжува да расте, а државата е меѓу трите земји на ЕУ со највисока инфлација.
Ваков бојкот имаше и во Црна Гора, а кај нас, е најавен за утре. Во меѓувреме, Владата најави ригорозни контроли на маркети кои можно е да прават одредени изигрувања на законите и процедурите. „Имаме отприлика околу 20.000 коминтенти по ланец супермаркети и ќе треба да длабоко се навлезе во тоа да видиме дали постојат вакви индиции. Но, истовремено и други трговски објекти ќе бидат подложни на ваков тип на контроли, бидејќи стандардот на граѓаните е наш приоритет“, кажа вчера премиерот Христијан Мицкоски.