или
ШТО Е „ШАРЕНАТА РЕВОЛУЦИЈА“(7)
16.
Mојата теза е дека денешната „Шарена револуција“ само се надоврзува на протестите започнати од групата „Протестирам“, потоа на студентските и професорските протести, целејќи кон денешниов масовен алтернативен хепенинг наречен „Шарена револуција“, чие влијание се прошири низ целата држава. Но, повторно, она што овие протести ги разликува од другите (студентските и професорските) е планираната и потенцираната културна / естетска страна. Тоа, секако, е првиот аспект во диференцирањето на овие „протести“ од сите други (не само) минатата и оваа година. Вториот подеднакво битен аспект е очигледното инсистирање на осмислувањето и реализирањето на „уметничноста“ на овој хепенинг односно на потенцирањето на „творечкиот“ чин како дел од протестите.
Се разбира, намерно го ставам зборот творечки под наводници, не за да свесно ја намалам потенцијалната творечка моќ на акциите и перформансите изведувани во рамките на овој двомесечен алтернативен хепенинг, туку можеби уште повеќе да ја подвлечам оваа значајна нишка. Зашто, верувам, многумина ќе приговорат дека тука нема(ло) ништо навистина творечко, креативно, инвентивно. Со што јас, нормално, нема да се согласам. Бидејќи под творечки чин не подразбирам, или не секогаш се подразбира, само класичен начин на (визеулено) уметничко изразување – сликање, цртање, вајање и др. – туку безпоговорно тука ги вклучувам и сите алтернативни, односно други облици и форми на потенцијална креативност. Поточно, токму оние некогаш нови а денес веќе етаблирани форми на индивидуално и / или групно творечко изразување познати како акција, перформанс, хепенинг, експеримент, концептуала … итн. Но, за тоа – подоцна!
17.
Мислам дека „Шарената револуција“ односно поединците / групите кои ја осмислуваат нејзината ритмика и метаморфоза инсистираат на една подеднакво „стара“ но (сѐ уште) валидна теза (не само) на големиот Бојс дека секој човек е – уметник.
Бојс бара „Уметност што го става човечкото суштество во центарот како креативно суштество per se. И затоа кога велам дека ’секој е уметник’ – и после тоа, во заграда, ’социјален дизајнер на иднината’ – јас не велам дека секој е сликар, скулптор, архитект … Повеќе мислам на секоја нова дисциплина, која што јас ја нарекувам антрополошки, хуманоцентричен уметнички концепт …“[1]. Бојс всушност говори расно постмодернистички, говори за надминувањето на модернистичкиот концепт на иновативноста во уметноста како примарна движечка сила, говори за еден голем транзициски чекор во еволуцијата на разбирањето на уметноста каде секој може да биде дел од уметничкиот процес. Тоест – човекот како „креативно суштество per se“! А кога ова го говори маестрото на перформансот, мора да му се верува!!!
И токму еден ваков процес-перформанс, смислен баш како од Бојс, се одвива(ше) низ улиците на Скопје повеќе од еден месец. Граѓаните на Скопје – без намера да ги потценувам и оние во другите градови, особено во Битола, кои што секако ги гледам како чиста Бојсова дефиниција на човекот како уметник – се видоа, се доживеаја себеси (и) како креативни суштества, како уметници кои оставаат трага врз средината. Нивната самодоверба, самосвест, растеа од ден во ден, акциите / перформансите стануваа сѐ поефектни, јасно определени, хуманоцентрирани. Идејата дека овде не станува збор само за граѓански или политички протест беше јасно профилирана веќе на самиот старт, со првите фрлени балони со боја врз омразените кич споменици низ градот и партизираните институции. Потоа веќе следуваа сериозно осмислени активности кои вклучуваа разни елементи (акции, пароли, говори, музика …) што придонесуваа(т) кон целовитоста на уметничноста на впечатокот.
18.
Ако пак некој сѐ уште има резерви / дилеми наспрема доминантно културната насоченост на овие протести, ќе потсетам на уште една – всушност прва во низата – извонредна акција / перформанс на „Протестирам“, (за мене) уште пооригинална и поефектна од „протестот“ во Театарот на спрдачината: акцијата кога беа (буквално) блокирани / пломбирани неколку културни институции во градов, вклучувајќи го и Министерството за (не)култура! Иако тој перформанс / акција помина некако, за жал, незабележително, тоа сепак беше вовед, но пред сѐ и јасен знак за целите на младиве од „Шарената револуција“.
И бидејќи веќе го спомнав Бојс, тогаш и да завршам со него: неговиот восклик дека „Секој е уметник“ (Jeder Mensch ein Künstler) не е никаков специјален новитет, но никој како него – или пред и после него – не демонстрирал таква неверојатна убеденост во таа теза, кај него елаборирана во многу предавања и перформанси. Секако дека Бојс, како и младиве од „Шарената револуција“, не мислел да сугерира дека баш секој има капацитети да се бави со традиционалните уметнички форми, туку дека креативноста може / треба денес да добие поширока апликативност, а со тоа и уметноста ќе ги (про)шири своите граници до она што Бојс го нарекувал „социјална скулптура“! Без намера пошироко да елаборирам – што во случајов би одзело премногу простор – што Бојс подразбирал под овој поим, тој најопшто може да се дефинира како свесен акт на обликување на околината (политичкиот систем, економијата, општеството во целина) од неред во ред, од хаотична состојба во обликувана форма, во структура! Оттука, „социјалната скулптура“ се постигнува заеднички, сложно и креативно, низ потребата за промена, за ре-форма!
А што друго е „Шарената револуција“ ако не тоа?
[1] Club 2, “Kunst und Schwindel”, 27.01.1983 (https://youtu.be/Mo47lqk_QH0)
(Преземено од Теодосиевски уметност)