СОФИЈА ЈА ОДБИВА ПОНУДАТА НА ОРБАН ДА ПОСРЕДУВА ЗА РЕШАВАЊЕ НА СПОРОТ СО СКОПЈЕ, ОБЈАВИ ШЕФОТ НА БУГАРСКАТА ДИПЛОМАТИЈА

0
91

„Европскиот договор со Република Северна Македонија е јасен. На Бугарија не ѝ требаат посредници во овој процес“,изјавил Кондов за бугарската новинска агенција БГНЕС. Повод за изјавата на Кондов е предлогот што унгарскиот премиер, Виктор Орбан денеска му го претставил на неговиот македонски колега, Христијан Мицкоски за време на средбата во Охрид, дека Будимпешта е подготвена да го искористи своето претседавање со Европската Унија и да биде посредник меѓу Скопје и Софија за наоѓање решени за спорот.

„Следниот чекор е, на некој начин, да се спогодат со Бугарија, а јас за тоа имам предлог што му го пренесов на премиерот Мицкоски. Му кажав дека сме подготвени да го искористиме претседавањето со Европската Унија и да посредуваме во ова прашање“,изјави Орбан на прес-конференцијата по средбата со Мицкоски и заедничката меѓувладина седница. Дали С Македонија и Бугарија ќе го прифатат ваквиот предлог, унгарскиот премиер рече дека тоа е работа на двете земји.

„Но, ние сме подготвени и сакаме да работиме на тоа да се најде решение какво што ќе им одговара и на Македонија и на Бугарија, но тоа е работа на страните што се во судир“, додаде Орбан. Зачленувањето на Македонија во Европската Унија и претседавањето на Унгарија со ЕУ, како што посоочи унгарскиот премиер, била најважната тема на денешната средба со премиерот Мицкоски. Орбан од вчера со владина делегација е во официјална дводневна посета на земјава, а прашањето за членството на земјава во ЕУ дополнително доби фокус по одлуката на Комитетот на постојаните претставници на владите на земјите членки во ЕУ, за одвојување на Албанија и С Македонија на патот кон Унијата.