Влошувањето на владеењето на правото и демократијата во Бугарија и непочитување на одлуките Европскиот суд за човекови права, се дел од темите за кои ќе расправа Европскиот парламент,пишува Дојче веле
Eвропскиот парламент денеска ќе расправа за „значителното влошување на владеењето на правото, демократијата и основните права, вклучително за независноста на судството, поделбата на власта, борбата против корупцијата и слободата на медиумите“ во Бугарија. Резолуцијата за ова прашање ќе се гласа во четврток, на 8-ми октомври, откако минатата недела беше одобрена од Комитетот за граѓански слободи, правда и внатрешни работи (ЛИБЕ).
Во текстот на резолуцијата, меѓу другото, бугарските власти се повикуваат да ги спроведат пресудите на Европскиот суд за човекови права. Станува збор за повеќе од 45 пресуди, меѓу кои и оние што се однесуваат на неможноста на македонското малцинство непризнато во Бугарија да регистрира свое здружение:пресудата од 19 јануари 2006 година, Обединета македонска организација Илинден и други (апликација бр. 59491/00); пресуда од 18 октомври 2011 година, Обединетата македонска организација Илинден и други (бр. 2) (апликација бр. 34960/04); пресуда од 11 јануари 2018 година, Обединета македонска организација Илинден и други (бр. 3) (апликација бр. 29496/16); пресуда од 11 јануари 2018 година, Јордан Иванов и други (апликација бр. 70502/13).
Во однос на овие предмети, Европскиот суд за човекови права во повеќе пресуди досега констатираше дека Бугарија направила повреди на членот 11 на Европската конвенција за човекови права, со кој е гарантирана слободата на собирање и здружување.
Индивидуално – да, колективно – не
За тоа каков е ставот на официјална Софија кон ова прашање, сведочи објаснувачкиот меморандум што Бугарија минатиот месец го испрати до земјите членки на ЕУ, барајќи од нив поддршка за бугарската позиција кон македонскиот напредок во Унијата. Во него беше потенцирано дека „позицијата на Бугарија во однос на патот на пристапување на Република Северна Македонија, има за цел да се заштити од неосновани малцински, историски, јазични и други тврдења“.
„Ова не ги негира обврските на секоја земја-членка да ги почитува индивидуалните човекови права, вклучително и оние за самоидентификација“, се вели во меморандумот.
Но, во делот што се однесува на малцинствата, објаснето е како Бугарија го третира тоа прашање.
„Бугарија е членка на најголемите регионални и меѓународни организации за човекови права и е фокусирана на примената на највисоки меѓународни стандарди во оваа област, во согласност со бугарскиот Устав. Правото на слободно индивидуално самоидентификување е неразделно поврзано со објективните критериуми, поврзани со идентитетот на лицето. Затоа, врз основа на Уставот на Република Бугарија, тоа право може да се оствари во согласност со кумулативното исполнување на субјективното (постоење на слободна волја да припаѓа на одредена етничка, религиозна, јазична малцинска група или заедница) и објективните критериуми (постоење на реални разлики што објективно го докажуваат постоењето на етничка припадност, религија, јазик, значително различни од оние на мнозинството). Како и другите земји-членки, Бугарија не доделува колективни права во овој поглед, туку само индивидуални. Според тоа, барањата за малцинствата испровоцирани од странство, се неприфатливи“, беше наведено во објаснувачкиот меморандум.
Во него се најавува дека Бугарија очекува од Република Северна Македонија да ги исполни своите заложби, да ги суспендира споменатите политики, навремено да го усогласи своите позиции и активности во меѓународните организации со членот 11 од Договорот и да ја прекине својата практика на инструментализирање на мултилатерални формати и механизми за мониторинг, за вршење непотребен притисок врз Бугарија.
„Ова ќе биде предуслов за добивање на согласност од Бугарија за секој следен чекор во процесот на интеграција“, се посочува во меморандумот на Софија.
Софија под лупа
Денешната расправа за Бугарија во Eвропскиот парламент следи по две други претходни дискусии за Бугарија – првата во поткомитетот на Комитетот за граѓански слободи, и втората – во целосен состав на Комитетот и со присуство на еврокомесарката за вредности и транспарентност, Вера Јурова. Минатата недела, при презентацијата на првиот извештај на ЕУ за владеење на правото, еврокомесарот за правда, Дидие Рејндерс, исто така објави дека делот за Бугарија ќе се дискутира во ноември во Советот на ЕУ, заедно со уште четири други земји – Белгија, Данска, Естонија и Чешка.
Најавувајќи ја денешната расправа во Eвропарламентот, некои од бугарските медиуми кусо коментираат дека „овие резолуции на ЕП немаат практични или директни последици, но дека самата дискусија за внатрешните проблеми на Бугарија на европската сцена е веќе знак за промена на односот кон владата на Бојко Борисов“. Други, пак, напоменуваат дека „нацрт-резолуцијата била изгласана од европратеници од левицата“.
Во резолуцијата, европратениците ја нагласуваат и потребата бугарската влада да обезбеди построга контрола врз начинот на трошење на средствата на ЕУ. Текстот се фокусира на постојаните системски проблеми во судството, особено на недостигот од рамка за отчетност од страна на Високиот судски совет и Главниот обвинител.
Наодите од Извештајот за владеењето на правото ќе се користат и за да се процени како пристапот до фондовите на ЕУ да се поврзе со владеењето на правото во земјите-членки.