Сопругата на Игор Југ, еден од осудениците за настаните од „27 април“, кој што почина во петокот, се огласи на социјалните мрежи, упатувајќи благодарност за искажаното сочувство. Сепак, таа истакна дека „душата (на нејзиниот сопруг) нема да му се смири се додека оваа неправда не биде решена“.
-Тие што беа рамо до рамо со него се сведоци на онаа голгота која на сите до еден ни ги смени и уништи животите. Системот ги убива полека и тивко. Народ… Жеден за сензитивни вести и статуси по фб од тастатура се мрднува , верувајќи на збор. И зборот остана до ден денес само празно ветување!!! Помешани мисли, склопувам коцки во глава и не знам каде погрешивме… Една реченица да ме послушаше сега уште ќе беше меѓу нас…Денес ми е уште потежок ден од вчера, самото соопштување на Катарина за прераната смрт на нејзиниот татко е најтешкиот дел за мене. Не дека останатите ми се лесни, но овој ме уби и мене, стои меѓу другото во емотивната објава на Ивана Југ.
Игор Југ кој издржуваше 12-годишна затворска казна, почина во петокот наутро. Тој беше на прекин од издржување на казната поради влошената здравствена состојба. Осум години ги помина зад решетки. 54 годишниот Игор починал дома, на роденден на својата ќерка каде му се слошило и набргу починал.
Во изминатиот период, Југ бараше слобода, со тврдење дека никој од осудените не е терорист ниту сторил терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.
Со реакција до медиумите се огласија од Основниот кривичен суд од каде демантираат дека до нив било доставено барање за повторување на постапката за Игор Југ. Од таму велат дека досега до нив не било доставено вакво барање ниту од осудениот ниту од неговите бранители.
Фејсбук статус на сопругата на Игор Југ, Ивана Југ.