СОВЕТОТ НА ЈАВНИ ОБВИНИТЕЛИ НА СЕДНИЦА ЈА НАВРЕДУВАЛ И ДЕГРАДИРАЛ КСЗД ЗА МИСЛЕЊЕТО ЈОЛЕВСКИ ДА И СЕ ИЗВИНИ НА ЛЕНЧЕ РИСТОВСКА

0
433

Членовите на Советот на јавни обвинители на вчерашната седница изнеле деградирачки и навредливи ставови и мислења за Комисијата за спречување и заштита од дискриминација оти донела мислење поранешниот претседател на Советот, Антонио Јолевски да и се извини на обвинителката, Ленче Ристоска за која беше утврдена дека Советот ја дискриминирал.

Коалцијата „Сите за правично судење“, чиј член присуствувал на седницата реагира на навредите изнесени на седницата.

–На вчерашната седница на СЈОРСМ, под точка разно, се дискутираше за доставено мислење од страна на КСЗД, со кое мислење се утврдува дискриминација во постапката за избор на јавен обвинител во повисоко јавно обвинителство. Во мислењето воедно од страна на КСЗД е дадена препорака поранешниот претседател на СЈОРСМ јавно да се извини за сторена дискриминација. Коалицијата „Сите за правично судење“ изразува сериозна загриженост, бидејќи во овој дел на седницата, од страна на членовите на СЈОРСМ беа изнесени деградирачки и навредливи ставови и мислења за Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Дополнително, беше истакнато дека мислењето нема да биде земено предвид и дека истото ќе биде оспорено пред Управниот суд.

Коалицијата „Сите за правично судење“ во оваа насока сака да истакне дека несогласувањата со определено мислење мора да бидат аргументирани, а не изнесувани како навреди кон субјектот кој го изнел мислењето. Дотолку повеќе, што ваквото поведение на СЈОРСМ се има случено и неколку пати во минатото кога СЈОРСМ има изнесено вакви навреди кон граѓанскиот сектор, универзитетски професори, ДКСК и други субјекти. Воедно, СЈОРСМ мора да има предвид какво поведение е критикувано во овој случај (дискриминација врз основ на бременост) и дали истото поведение треба да се коригира, или треба да се брани како добра практика на СЈОРСМ, се вели во реакцијата на Коалицијата.

Јолевски поднел тужба до Управниот суд за мислењето што го донесе Комисијата според кое тој во рок од 30 дена од приемот на мислењето треба да ѝ се извини на обвинителката Ристоска за извршена и утврдена дискриминација.Јолевски вчера во изјава за „Фокус“ рече дека дали писмено ќе се извини или не, не може сега да каже бидејќи се уште му тече рокот за писмено извинување.

Но, потенцира дека веќе поднел тужба на одлуката на Комисијата бидејќи смета дека не е утврдена фактичката состојба и дека одлуката е селективна.Според Јолевски тој има право на тужба до Управниот суд иако во препораката на Комисијата се вели дека доколку не се извини писмено, Комисијата ќе покрене прекршочна постапка против него.

Обвинителката Ристоска поднесе претставка до Комисијата за дискриминација по изјавата на Јолевски дека не била избрана за обвинител во Виштото јавно обвинителство бидејќи користела породилно отсуство.Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврди вознемирување како вид на дискриминација по основ на бременост, раѓање и родителство извршена од страна на поранешниот претседател на Советот, Јолевски во форма на јавна изјава дадена за медиуми во областа работни односи во правосудството.