Слободата бои

0
820

Она што овие денови се случуваше на протестите пред и околу она недоветно здание кое наводно треба да претставува некаква си порта (а портата обично симболизира отвореност, гостопримство – значења неспоиви со оваа насадена пречка/стапица за слободното комуницирање со градот) беше изблик на револт и отпор кон самопрогласените градители и самопоставените носители на функции во оваа наша мала, но многу сиромашна земја. Акцијата на прскање боја и нанесување графити врз анорексичното тело на еден замислен триумфален поход низ историјата, беше своевиден чин на реконтекстуализација, детериторијализација и деконструкција. Со распрсканата боја и графитите се вбризга жива сила во мртвото мес(т)о на посакуваниот триумф на недопирливоста (….никој ништо не ти може….).

Со ова, претставата на „триумфот“ не е укината, туку само е поместена од контекстот на еден свет на тотализирачки претстави во контекстот на еден свет на диференцијални, децентрирани претстави. Со распрсканата боја и графитите извршена е и детериторијализација на еден модел на фалоцентрично мислење кон нови, поинакви, молекуларни слики на мислење.

Ако ја следиме мислата на Делез за детериторијализацијата, тогаш може да се каже дека овие боења како своевидна детериторијализација нужно минуваат низ колоритните нијанси на она што тој го нарекува постанување жена (жената како привилегирана фигура на другоста). Жената не како конкретен субјект (иако мора да се признае дека на овие како и на претходните протести конкретните жени им дадоа посебна енергија и интезитет) туку како позиција, степенување на позитивните сили, како знак за процесот на трансформација на фалоцентричниот, угнетувачки систем на општественото живеење.

Со распрсканата боја и графитите се изврши и деконструкција на големата популистичката с/л/ага за милениумските херојски, идентитетски корења на она што сега го нарекуваме Македонија (иако имаше обиди оваа с/л/ага да се покрие, да се оправда во духот на постмодернистичкиот слоган everything goes).

Големата с/л/ага сега е испрскана, распрскана, размачкана со боите на невозможното. А за да еден настан (во нашиов случај настанот на растемелувањето, развластувањето) стане возможен, потребно е да помине низ искуството на невозможното. А искуство кое што го живееме сега е токму тоа: искуство на невозможното.

Затоа боењето не е уништување. Боењето е маркирање на сè она што нас нè уништува.

Слободата бои.

Љиљана Неделковска