Претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески вели дека советничките групи на наредната седница на 29 август ќе ги поддржат дополнителните програми за работа на „Комунална хигиена“ за вработување на околу 120 лица, како и средства за ЈСП со пренамена од друг проект со кои ќе се репарираат и стават во функција уште 30 автобуси.
На денешната средба за координација во Град Скопје на која присуствуваа координаторите на советничките групи, Славески посочи дека градоначалничката Данела Арсовска дошла со директорите на јавните претпријатија „Паркови и зеленило“, „Комунална хигиена“ Скопје и „ЈСП“ Скопје.
„Јас забележав дека нивните инвестициски планови се одобрени од страна Советот на Град Скопје уште на почетокот на годината, како и во претходните години и се поставува прашање што правеа кога ни кажуваат дека во просек возилата и опремата им се стари над 20, а во некои групи и 30 години“, вели Славески.
Во однос на јавниот превоз во Град Скопје, кажа дека и на средбата во понеделникот било констатирано дека на краток рок не може да се изврши набавка на нови автобуси кои би го зголемиле возниот парк, но и дека добар дел на возниот парк е нефункционален.