СЛАВЕСКИ : БЕЗУМНО РАСФРЛАЊЕ „ПАРИ ОД ХЕЛИКОПТЕР“

0
1468

Тој што Бог решил да го уништи, прво му го зема умот (Quos deus vult perdere, prius dementia).

Во економската теорија има неколку случаи кога државата „истура” пари врз своите граѓани.

Првиот случај се однесува на т.н. „Пари од хеликоптер” (Helicopter Money), идеја што му се припишува на Нобелобецот Милтон Фридман. Означува печатење дополнително количество пари од страна на централната банка и нивно дистрибуирање до населението (во форма на чек по пошта). Неопходен услов за примена на оваа препорака е економијата да се наоѓа во рецесија (негативни стапки на раст на БДП) и каматните стапки да се блиску до нулата.

Дали во моментов во Република Македонија се задоволени условите за примена на препораката за расфрлање „Пари од хеликоптер”? Не, не се! Не е задоволен ниту еден потребен услов.

Со оглед на режимот на де факто фиксен девизен курс, Народна банка на Република Македонија не смее да прибегне кон ваква инфлаторна мерка. Понатаму, ниту економијата е во рецесија (или криза, како што сака да нѐ убеди Владата), ниту каматните стапки се блиску до нула. Напротив!

Одиме понатаму со барање рацио за предизборниот поткуп што вчера го објави Владата, во износ од околу 700 милиони евра (0,5% од БДП). Да не случајно станува збор за дивиденда што треба во подеднаков износ да им се подели на граѓаните, како нивна награда од извонредните приходи што ги остварила државата од експлоатацијата на некој природен ресурс? Ваква практика почнувајќи од 2016 година спроведува американската сојузна држава Аљаска, која остварува значителни приходи од богатите наоѓалишта на нафта и природен гас. За 2023 година секој жител на Аљаска доби на својата сметка по 1.312 американски долари по овој основ од специјалниот Постојан фонд за дивиденда.

Се разбира, исто како што не можевме да ги израдуваме граѓаните со помош на печатење пари, немаме вонредни приходи од некое природно богатство со кои би ги почестиле.

Третата можност е во услови на сериозна криза, каква што беше краткотрајната но остра рецесија, предизвикана од пандемијата Ковид 19, со буџетски средства Владата да поддржи одредени сектори и социјални групи кои трпат најголеми последици. Ние имавме ваква практика, но кризната состојба предизвикана од последиците од пандемијата е одамна зад нас. Не може тековното расфрлање со буџетски средства, чиј краен извор се позајмени пари, да го оправдаме и да го означиме како „деветти антикризен пакет мерки”!Станува збор за уникатен случај за крајно неодговорно однесување на владата на ДУИ и СДСМ со намена за предизборен поткуп, што ја загрозува економската иднина на земјата и со право ја заслужува латинската изрека: „Тој што Бог решил да го уништи, прво му го зема умот“. (Quos Deus vult perdere, prius dementia).