МЕГА СКАНДАЛ ВО ПРИЛЕП, ПРИЛЕПСКИТЕ БИЗНИСМЕНИ ОБВИНУВААТ : ВО ПРИЛЕП СЕ ГРАДИ ЦРКВА СО ПРИСИЛЕН РЕКЕТ ОД НАШИ ПАРИ!

0
1491

До редакцијата на ,,Народен Глас” пристигна писмо со реакција од група локални бизнисмени и граѓани поради како што велат, притисокот врз локалните трговци, бизнисмени, просветни работници, уметници и други за „доброволно“ донирање за доизградба на црквата Св. Петка во населбата Точила.

Бизнисмените во анонимното писмо до нашата редакција наведуваат дека писмото е доставено на тој начин поради притисоците од власта и како што наведуваат во писмото испратено до нашата редакција дека повеќе верба во државните институции немаат а немаат ни во локалните медиуми кои се параван на власта. Бизнисмените во своето писмо  тврдат и дека нивните наводи поврзани со овој случај а како и во идните што ќе ги достават до нашата редакција не се само празни зборови туку се факти кои може да се проверат.

До почитуваните анонимни бизнисмени.

Им се извинуваме на бизнисмените од името на нашата редакција за задоцнетатат објава од оправдани причини не ја објавивме на време кога ни беше доставена па го правиме токму сега тоа, се надеваме на ваше разбирање за нас како медиум и се надеваме дека вакво задоцнување повеќе нема да се повтори како и воедно се надеваме за понатамошна соработка во иднина.

Со почит, редакција на Народен Глас.

svpetka-tochila

Писмото од реакцијата на бизнисмените испратено до нашата редакција ви го пренесуваме во целост : 

 

Библиската наша земја Македонија изобилува со црковни храмови и манастир. Се граделе и ќе се градат. Нашиот народ е верен на Бога и градењето цркви го смета за благородно и угодно дело пред Бога. Давал се од себе, се жртвувал, откинувал од устите на своите чеда и го помагал градењето храмови, за здравје на семејството. Е арно ама, сето ова го правел доброволно. Не бил принудуван, како што тоа се прави во денешно време.

Во Прилеп, се градат дури четири цркви. Едната е поголема од останатите три – црквата „Св. Петка“ во населбата Точила. Иницијатива е на локалната самоуправа од ВМРО-ДПМНЕ предводена од Неговото величество градоначалникот Марјан Ристески. Граѓаните ја прифатија оваа иницијатива со радост. Меѓутоа дел од нив не знаеа што ќе ги снајде. Токму така!

За да се изгради црква потребни се огромни финансиски средства, односно донации. Тие донации вообичаено се од ДОБРОВОЛНИ донации од ктитори – приватни бизнисмени или од доброволни даренија од верниците. Е, тука лежи зајакот, како што вели нашиот народ! Како се собираат ДОБРОВОЛНИТЕ даренија од приватните бизнисмени во Прилеп за изградбата на црквата „Св. Петка“ во Точила, која се гради со многу забрзано темпо и треба/ше да се освети? Цркви се граделе со децении ама не и оваа црква. Оваа црква е дело на ВМРО-ДПМНЕ и мора да се заврши до следните избори. Можеби на дел од прилепчани не им е јасно или пак им е јасно ама замижуваат, а најмногу замижуваат претставниците на црквата, односно заменикот на владиката Петар, свештеникот Благоја Станкоски, пред фактот дека даренијата од приватните бизнисмени се собираат со класично безобразно рекетирање на бизнисмените, што е далеку од ДОБРОВОЛНИ даренија. Има и такви, од верниците кои доброволно даруваат, без рекетирање, но нивните даренија се многу мали во однос на ДОБРОВОЛНИТЕ даренија на приватните фирми од Прилеп.

Ова се случува неколку години. Со голем интерес ги следам случувањата. Тоа што никој не сака да зборува за ова изнудување е разбирливо. Сите се плашат јавно да зборуваат, а уште помалку да одбијат ДОБРОВОЛНО да даруваат за изградбата затоа што наредниот ден на вратата од нивната фирма ќе затропаат наострени инспектори со директива за казнување за непослушната фирма односно сопственик. И тука нема бегање! Инспекторите секако дека ќе најдат некоја запирка или точка на погрешно место напишана и фрчат казни од 3 – 4000 евра па нагоре. Потоа бизнисменот, кому и онака не му оди бизнисот како што треба, колни, пцуе и се чуди како да ги најде парите за да ја плати казната, па како најбезболно за неговиот џеб е да удри по џебот на вработените во неговата фирма. Па така, ќе најде некоја бесмислена причина и ги казнува на платата, како што тоа го прави сопственичката или директорката на „Комфи Ангел“, која за да ги уплати ветените ДОБРОВОЛНИ даренија за изградба на камбанаријата, ги казнила вработените на плата. Секако дека не се сите ДОБЛЕСНИ како неа. Но останува фактот дека сочното колнење и пцуење на адресата на локалната самоуправа и Неговото величество градоначалникот Марјан Ристески е се поприсутно.

Има и случаи кога некои бизнисмени биваат потсетени дека треба ДОБРОВОЛНО да даруваат за црквата и тие послушно ДОБРОВОЛНО даруваат, секако пропратено со колнење и пцовки. Но тоа не завршува тука. Ако челниците од даночно и од локалната власт сметаат дека ИЗНУДЕНАТА сума е мала, тогаш повторно ги активираат инспекторите. Следува пцуење, колнење и казни.

Тука се и донаторските конференции кои се организираат секоја година околу Божик. Газдите на фирмите се поканети да учествуваат на овие донаторски конференции, и замислете какво изненадување ги чека на маса – уредно пополнети уплатници на кои е веќе внесена сумата која што рекетарите од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека фирмата треба ДОБРОВОЛНО да ја дарува. На бизнисмените им останува само да ја потпишат, во спротивно тука се инспекторите. И повторно колнење и пцуење! На еден од најголемите христијански празници!

Треба да се споменат и вработените во образовниот систем. И тие се рекетирани! Принудени се ДОБРОВОЛНО да даруваат за изградбата на црквата. Во неколку наврати се разбира. Поради стравот од можните последици, (недобивање решение за работа, намален фонд на часови и т. н.), иако неволно, ги отвораат новчаниците. Најтрагично за наставниот кадар е директивата од штабот да собираат пари од своите ученици. Повторно пцуење и колнење.

Да не бидам разбрана погрешно, никој од гореспоменативе, не сме против градењето црква, ниту против тоа доброволно, ама навистина доброволно да се дарува за изградбата, ама не на ваков безобразен начин со закани, уцени, со казни, со колнење и пцуење. Засегнатите сме гневни на локалците од ВМРО-ДПМНЕ и Неговото величество градоначалникот Ристески. Како што кажав, иако никој јавно не сака да зборува за ова (ако се противи ќе излези дека се противи на градењето црква, дека не е христијанин и т.н.) поради стравот од реперкусиите на локалците од ВМРО, сепак кај луѓето е присутен и гневот, колнењето и пцуењето. Во последно време лоши зборови и напади почнаа да се упатуваат и на адреса на црковните лица во Прилеп. Во неколку наврати моиве уши покрај што беа почестени со сочни пцовки упатени кон локалците се изнаслушаа обвиненија и до свештенството, дека се здружени со нив и се соучесници во рекетирањето на народот. Затоа, со должна почит, јавно го прашувам претставникот на црквата во Прилеп, односно заменикот на владиката Петар, свештеникот Благоја Станкоски: Свештениче Благоја и останати чесни отци, дали намерно замижувате пред постапките на локалните шерифи? Значи ли тоа дека го одобрувате ваквиот начин на грабање средства од народот за црквата? Дали го одобрувате уценувањето и изнудувањето пари од народот? Вашите постапки, и на неколкумина други свештеници, гушкањето и бакнувањето со локалците од ВМРО и Неговото величество градскиот татко Ристески покажуваат дека сте соучесници во нивните дела. Или сето тоа го правите за некаква противуслуга, како на пример, вработувањето на Вашите деца? Дали е ова угодно пред Бога? Дали е угодно вака да се гради црква? Дали е угодно црквата вака да шурува со власта? Како тоа дозволувате над црквата да се вее знамето на ВМРО-ДПМНЕ? Ако градскиот татко посака во црквата „Св. Петка“ да се нацрта лавчето од ВМРО-ДПМНЕ, ќе го дозволите ли тоа, оти наголемо се зборува дека лично градоначалникот давал наредби што и како да се прави во црквата. Свештениче Благоја, црквата во Прилеп не смее да биде на ВМРО ниту на која било друга партија. Вашата мантија не смее да биде обоена во црвено. Размислувате ли дека ВМРО нема вечно да биде на власт во Прилеп? Тогаш со какво лице ќе се прегрнувате и бакнувате со другите што ќе дојдат на власт, односно СДСМ. Што сте Вие свештениците: духовни водачи на народот или продолжена рака на ВМРО-ДПМНЕ?

И да не заборавам, последниве неколку дена низ чаршијата се зборува дека сте помогнале, или не сте одмогнале да се рекетираат и Вашите браќа, прилепските свештеници, и тоа со по 500 евра! Се разбира, Вие сте биле изземени од плаќањето. Сигурно имате некакви посебни заслуги. Па добро бре свештениче Благоја, ги жртвувате Вашите браќа за да му излезите во пресрет на ВМРО? Се прашувам, ако некој е во можност да плати 500 евра ДОБРОВОЛНА донација, тогаш колкави се неговите месечни примања? Ако не грешам, банките даваат кредит според висината на месечните примања, при што ратата не смее да биде повисока од една третина од месечните примања на коминтентот. Тогаш колкави се примањата на свештениците, ако се во можност да одделат по 500 евра од месечните примања? Или, пак, ВМРО и Вие сте безобзирни и сумата Ви е истресена од ракав, односно толку пари требаат за брзо, брзо да се изгради црквата. Сигурен сум дека е ова второво. Тоа Ве прави соучесник на ВМРО. Срамота!

Затоа го повикувам свештенството во Прилеп јавно да се огради од постапките на локалната ВМРО-ска власт и Неговото величество градоначалникот Ристески. Во спротивно ќе бидат сметани за соучесници во рекетирањето на народот од страна на власта, а јас ќе продолжам да пишувам само што во иднина ќе нишанам повисоко.