СИЉАНОВСКА – ДАВКОВА ОСВЕН СО ПАПАТА, ВО РИМ НА СРЕДБА И СО ИТАЛИЈАНСКИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ МАТАРЕЛА

0
183

Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова при чествувањето на Свети Кирил во Светиот Престол и аудиенцијата кај папата, во Рим ќе оствари средба и со претседателот на Италија Серџо Матарела, потврдија за „Слободен печат“ од кабинетот на претседателката.

Потврда за средбата меѓу Сиљановска-Давкова и Матарела стасала вчера во „Вила Водно“. Со ова се потврдија информациите на „Слободен печат“ дека при средбата на шефицата на државата со италијанскиот амбасадор Андреа Силвестри, се правиле напори при посетата на Рим, Сиљановска-Давкова да оствари и официјална средба со италијанскиот претседател Матарела. Најверојатно аудиенцијата кај папата Франциск и средбата со италијанскиот колега ќе биде прва официјална посета на претседателката по нејзината инаугурацијата на 12 мај. Сиљановска-Давкова ќе ја предводи државно-црковната делегација за одбележување на традиционалната манифестација во чест на Свети Кирил во Светиот Престол и во Рим.

Во комбинираната делегација ќе бидат и четворица претставници од Министерството за култура, предводени од заменик министерот Онур Али. Делегацијата ќе ја сочинуваат и членови на Кабинетот на претседателката, директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Даријан Сотировски, а неколкучлената делегација на МПЦ-ОА ќе ја предводи митрополит Тимотеј. Носителка на културната програма ќе биде националната установа Камерен оркестар, но во намален состав. Според програмата, аудиенцијата кај папата е планирана за 23 мај, додека чествувањето на Свети Кирил е на 24 мај.

Базиликата „Санта Марија Маџоре“ има посебно место во мисијата на Кирил и Методиј, бидејќи во неа папата Адријан Втори во 868 година ги осветил донесените книги што светите браќа ги подготвиле за да го шират христијанството на јазик разбирлив за словенските народи. Останува отворено прашањето дали претседателката ќе има заедничка активност со претседателот или премиерот на Бугарија. По потпишувањето на Договорот за добрососедство со источниот сосед, се практикува претставници од државниот врв на Македонија и на Бугарија да имаат заедничка активност по повод чествувањето на Свети Кирил.