Ниту сум имала намера, ниту некогаш ќе направам такво нешто да употребам вето за да навредам некој јазик, ниту пак сум се водела од партиски совети, изјави денеска претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во врска со ветото што го стави на Законот за заштита на децата. Во изјава за медиумите дадена денеска по литургијата во Соборниот храм во Скопје, Сиљановска-Давкова рече е должна да ги почитува Уставот и законите.
Она на што укажува, како што појасни, е и тоа што во предложеното законско решение, формулацијата најмалку 20 проценти, не е како што е во Уставот и законите.
– Ако пратениците одлучат да го задржат ова решение, јас ќе морам да го потпишам законот, но не мислам дека ова е намерно, претпоставувам дека дошло до превид, изјави Сиљановска-Давкова. За нејзината постапка, како што рече, ја информирала Владата и надлежните министри.