Македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова по средбата со бугарскиот колега Румен Радев во Софија изјави дека дијалогот е решение за проблемите меѓу двете земји.
„Мислам дека, и сигурна сум дека како што честопати велам мислата може да биде побрза од светлината ако се слушаме, ако се почитуваме, ако имаме волја да се разбереме, тогаш решението е на дофат“, рече Сиљановска Давкова.
Претседателката рече дека „разговорот е здрав“, и дека со Радев разговарале за вметнувањето на Бугарите во Уставот.
„Јас да сум апсолутен монарх можам да го сменам Уставот, но пратениците ги претставуваат граѓаните, гласаат по сопствено убедување. Не можам да ја суспендирам парламентарната демократија, но се разбира дека разговаравме за сите прашања, велам разговаравме, бидејќи ние не може да донесеме решение, ниту да го наметнеме на нацијата и останатите. Но, разговаравме и тоа е здраво“, рече Сиљановска-Давкова.