Патот на Македонија кон Европската Унија е поплочен со „двојни стандарди, нови барања и услови“ што не им биле поставени на други земји-кандидати. Ова денеска го изјави претседателката Гордана Сиљановска Давкова, на 12. издание на Глобалниот форум во Азербејџан.
Таа во своето обраќање на панелот „Пактот за иднината на Обединетите нации“ рече дека државата не отстапува од својата стратешка цел за членство во ЕУ. Земјава не отстапува ниту од стратешкото партнерство со САД. Според неа, и покрај тековните геополитички предизвици, Македонија верува во важноста на ефективниот трансатлантизам, заснован на меѓународните правила и принципи. Она што Обединетите нации се за светот, рече таа, Европската Унија е за Европа – мултилатерален проект со една врвна цел – мир на континентот. Тоа го постигнува преку политиката на проширување со нови земји членки коишто ги исполнуваат копенхагенските критериуми.
– Како олицетворение на мултилатерализмот, Европската Унија има обврска непристрасно и конзистентно да го брани мултилатерализмот. Но, европскиот пат на мојата држава е поплочен со двојни стандарди, со нови барања и услови коишто не им биле поставени на други држави. Неодамна, на еден од панелите на Минхенската безбедносна конференција, македонскиот премиер постави реторичко прашање: зошто, кога Русија го негираше украинскиот идентитет и јазик, цела Европа стана во одбрана на Украина, а кога една земја членка на Европската Унија го негираше македонскиот идентитет и македонскиот јазик сите молчат.
Одговорот на модераторот на панелот беше: „затоа што вие не сте нападнати“. За волја на вистината, не молчат, туку бараат да ги прифаќаме неправедните услови и да преговараме за нашиот национален идентитет, за нашиот јазик, нашата култура, историја, па и за нашиот уставен поредок, рече Сиљановска Давкова.