Сите го сакаат новиот премиер на Македонија : Заев утре на средби во ЕУ и НАТО

0
1677

Премиерот Зоран Заев утре е во прва официјална посета на Брисел, каде ќе има средби со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенеберг, со високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини и еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан.

Заев во Брисел ќе биде придружуван од министерката за одбрана Радмила Шекеринска и шефот на македонската дипломатија Никола Димитров.

Утре напладне Заев во седиштето на Северно-атлантската алијанса (НАТО), ќе има средба со Столтенберг, по што е најавена заедничка прес-конференција. Се очекува да се разговара за можностите за деблокирање на членството на Македонија во НАТО.

Премиерот Заев неодамна изјави дека се надева оти Македонија многу брзо може да стане членка на НАТО под привремената референца, а паралелно да продолжат разговорите со Грција за спорот за името и надградување на мерките за доверба меѓу Скопје и Атина.

Неодамна и грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас изјави дека „единството, интегритет и стабилноста на северниот сосед се исклучително важни“.

-Тоа е нашата главна грижа и сметаме дека решението на прашањето за името на креативен и демократски начин може да ја олесни идната насока на земјата, изјави Коѕијас.

На средбите, пак, со Могерини и Хан, како што истакна Заев во неколку негови претходни изјави, ќе се разговара за реформите што треба да ги спроведе новата македонска Влада и за отстранувањето на условената препорака за почеток на преговорите за членство во ЕУ.

Портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич, најави дека Могерини и Хан на средбата со Заев ќе ја повторат својата подготвеност за поддршка на новата Влада, како и на опозицијата, во нивните напори конструктивно да се испорача нивната заедничка цел за реформи поврзани со ЕУ.

Во меѓувреме Хан најави дека наскоро во Скопје доаѓа пензионираниот експерт за владеење на правото на Европската комисија, Рајнхард Прибе, кој заедно со група на експерти на Комисијата ќе треба да и помагаат на новата Влада на Република Македонија во напорите за реформи.