СИСТЕМ ЗА ВЕШТАЧКИ СНЕГ ЌЕ СЕ ПОСТАВУВА НА ПЕЛИСТЕР, СКИЈАЧКАТА СЕЗОНА СЕГА ТРАЕ ЕДВАЈ ДВЕ-ТРИ НЕДЕЛИ

0
450

СИСТЕМ ЗА ВЕШТАЧКИ СНЕГ ЌЕ СЕ ПОСТАВУВА НА ПЕЛИСТЕР, СКИЈАЧКАТА СЕЗОНА СЕГА ТРАЕ ЕДВАЈ ДВЕ-ТРИ НЕДЕЛИ ЈП „Стрежево“ започна постапка за добивање градежна дозвола за поставување систем за заснежување на ски-патеките. (Фото: СДК.МК)

Глобалното затоплување со години ја загрозува и скратува скијачката сезона на Пелистер. Ако до пред неколку децении сезоната траеше по два до три месеци, последните години премија е ако има снег на ски-терените две до три недели. Од јавното претпријатие „Стрежево“, кое стопанисува со ски центарот „Ниже Поле“, велат дека ги чувствуваат последиците од климатските промени.

„Изминатите години снегот го нема и често се топи многу побрзо од вообичаеното. Во месец декември и јануари имаше релативно ниски температури речиси без врнежи. ‘Стрежево’ врши постојана проспекција на теренот и работи на санирање на последиците од овој природен феномен“, вели директорот Менде Граматковски.Како чекор за ефикасно справување со климатските промени преку примена на еколошки иновативни решенија и технологии, претпријатието планира да набави систем за вештачки снег. Битолчани знаат дека и претходно постоеле иницијативи за вештачки снег, била започната и студија, но на терен досега не беа преземени никакви поконкретни мерки за оставрување на овој проект.

Сега ЈП „Стрежево“ започна постапка за добивање градежна дозвола за поставување систем за заснежување на ски-патеките.

„Ја завршивме процедурата за изработка на физибилити студија која даде одговор на сите прашања и ни даде конкретни насоки како да ја реализираме оваа на­ша децениска желба. Преку јавна набавка обезбедивме основен проект за систем за обезбедување на вештачки снег на скијачката патека. Со проектот за вештачки снег се дефинира ски патека во должина од 900 до 950 метри и ширина на појасот од 60 до 65 метри, со висина на снежна покривка од 30 сантиметри. Површината на патеката која ќе се покрие со вештачки снег изнесува 5.760 метри квадратни. Во моментов сме во фаза на добивање градежна дозвола. Следна фаза е јавна набавка за реализација на проектот и конечно сонот за вештачки снег на Ниже Поле од мечта да стане реалност“, вели Граматковски.