Симболиката на црвената боја денеска доаѓа до сериозен израз

0
618

Симболиката на црвената боја денеска доаѓа до сериозен израз.

И тоа во две варијанти, некому неспоиви, ама мене сосема валидни да се здружат. А тоа е поради присутноста кај вапсањето јајца во крв-црвена боја, симболизирајќи ја тежината на крвта Исусова дадена за христијаните и нивните гревови, но и поради присутноста кај знамињата, симболите и плакатите во крв-црвена боја на протестирачите и борците за работнички права, симболизирајќи ја моќта огромна, добивана преку крвта проплукана за опстанок и желба за кршење на прангите на властите и работодавачите злоупотребувачи.

Денеска, и прв ден Велигден и 1-ви Мај – Денот на трудот, се споија во датумите.

Денеска, не е ден кога треба да се натовите со скара и подуете со пиво. Иако, со оглед на ситуацијата во Македонија – тоа е сосема соодветно. Работниците кај нас, наместо сами или синдикално здружени да ги истакнат главните проблеми кои ги имаат на работните места, тие се товат како свињи пред колење, за да може работодавачот повеќе мевце да зграби при колежот на правата.

Не може веќе така другари. Мора да се разбуди општествово.

Дополнително – од каде да почнам за верниците… На денешен ден, се покажува милост, добрина и помош некому, на тие кои немаат да го одбележат Велигден. Всушност, како и секој ден.

Религијата не е само слепо верување во постоењето некаков Бог, религијата е вера, верба, верност кон себеси, олицетворувајќи го Бог од себе кон надвор. Џабе на кој и да е Бог му градите храмови, му бакнувате икони, тој/таа не е таму. Бог е во нас, во душата, во телото, во постапките што ги правиме кон другите. Бог е човекот, кој се прифатил себеси каков што е, но, се стреми секогаш за повеќе. Градењето еден куп непотребни храмови на Бог за негово чествување, а притоа не оставајќи ги гладните да каснат нешто таму, или бездомните да преспијат е лицимерие какво ниедна религија не проповеда.

Денес во Македонија, власта гради цркви и џамии каде ќе стигне, без никаква оправданост од аспект на света земја. Во тие цркви и џамии на верниците им се земаат пари за сенешто. Религијата е претворена во трговија со испорака на вера за толку пари колку што ќе платиш. Иако, никогаш не е доволно.
Денес во Македонија, власта и Сојузот на синдикатите на Македонија се први другарки, што заедно одат во ВЦ и додека власта уринира врз работничките права, ССМ и’ ја држи вратата некој да не и’ влезе.

Нема ништо пострашно за оцрнување на првомајската суштина на историјата, од тоа да претседателот на ССМ, Живко Митревски ви каже дека имале добри односи со власта по однос на работничките права. Хаос.

Драги соборки и соборци, борбата продолжува. Замајувачи и сеачи на магла еден тон, но, секој од нас знае денеска какви права му недостасуваат на работното место, а и секој од нас знае, зошто не може Велигденот да си го одбележи и колку пари попот го има осакатено верникот за некаква услуга.

Честит нека ви е Велигденот, на сите кои го чествувате Христовото воскресение.

Не се ова тешки денови, ова е тежок ден – спој на духовното и материјалното, кое катаден ни се крадe и бидува владеено од други, поради несложноста наша.

Заедно против злото!
Смрт на фашизмот – слобода на народот!

Огнен Јанески – Фејсбук статус