СЕ ЈАВИ БИЗНИСМЕНОТ ДАКА СО ПИСМО: Фактот дека наведените парични средства ги исплатив на Зоран Милевски во времето на Владата на Никола Груевски зборува дека нема ништо точно за наводно мито кон Заев!

0
898

Со писмо се огласи бизнисменот Дака Давидовиќ во врска со објавената „бомба“ меѓу него и бизнисменот Зоран Милевски Кичеец.

Вели дека има лична и професионална обврска да ја соопшти вистината во врска со снимениот разговор.

Раскажува дека бизнисменот Зоран Милевски го запознал преку угледен белградски бизнисмен, кон крајот на 2016 година. Милевски му е препорачан како сериозен деловен човек од Македонија, кој е во можност да ми ја пружи потребната поддршка и логистика, поради што и го ангажирал како консултант, преговарач и посредник, во деловни проекти кои сакал да ги реализира во земјава.

„Како сопственик на голема површина земјиште во општина Штип, на Брегалница, кое по својата локација е погодно за изградба и работа на мини хидроелектрана и паркови за енергија од ветер, постигнав договор со познати австриски и кинески компании, кои беа подготвени да обезбедат финансиски средрства за реализација на овој проект, додека моја обврска, како сопственик на земјиште, беше да обезбедам градежна дозвола и сите останати документи, потребни за реализација на овој проект. Со оглед дека во конкретниот случај се работеше за проект од повеќемилионска вредност, износот од 300.000 евра на име услуги консалтинг, посредување, логистика и застапување пред надлежните органи во Република Северна Македонија, не беше несразмерен со толку голема вредност на проектот. Значи, медиумската квалификација дека се работи за мито е премногу насочена и пресметана, бидејќи во овој деловен однос не постои ниту еден елемент што би укажувал, а камоли одредувал наведена исплата како мито и корупција. Сето ова укажува дека некому е само цел деловно да ме дискредитира и да се обиде да ја спречи реализацијата на започнатите деловни проекти во Република Северна Македонија“, пишува тој.

Според него, фактот дека наведените парични средства ги исплатил на  Зоран Милевски во времето на Владата на Никола Груевски, а не во Владата на Зоран Заев, исто така потврдува колку написите се невистинити, односно монтирани.

„Милевски, и покрај сите ветувања и преземени обврски, не успеа да обезбеди ниту една дозвола, ниту презеде какви било активности за реализација на проектот во Општина Штип, единствено што стори за мене е што ми организираше состанок со премиерот г-динот Зоран Заев. Точно е дека на состанокот со премиерот Зоран Заев ги изложив своите планови во врска со изградба на мини хидроелектрана и паркови на енергија на ветер. Меѓутоа, соопштено ми е дека сите концесии за овој вид дејност се по повластени тарифи, веќе доделени, упатувајќи ме кај генералниот секретар на Владата, г-динот Драги Рашковски да му проверам какви се плановите на Владата за идниот период, врзано за доделување нови концесии. Меѓутоа, ниту до денешен ден не добив информација која би укажала дека во иднина би можел да очекувам реализација на наведениот проект. Евидентно е дека Милевски не исполнил ниту една преземена обврска, како и дека не сум реализирал ниту еден деловен проект, така што огромните парични средства што ги вложив во недвижности останаа неактивни и заробени во Република Северна Македонија, поради што не остварив никаква корист, што се укажува дека квалификациите на одредени медиуми, дека во овој случај се работи за мито, се неточни и злонамерни, и само и штетат на оваа држава, бидејќи ова е лоша порака на сите странски инвеститори, кои сакаат да инвестираат во Република Северна Македонија“, пишува Дака.

Аудио бомбата опфаќа разговор на Давидовиќ и Зоран Милески Кичеец кој кажува дека е пратен директно од Зоран Заев. Разговорот го почнува Зоран Милески, кој му кажува на тајкунот да одат кај Зоран Заев и дека има организирано се’.