Се срамам искрено за „колегите“ кои застанаа на страната на режимот

0
1223

Бев денеска на протест пред МРТВ и се радувам што дадов поддршка во граѓанската иницијативе за ослободување на националниот сервис! Некој спомна дека можело да се лутат нашите некогашни колеги што протестираме пред нивното работно место, па си викам да ги објасниме малку работите.

Ida-Protugjer

Овој режим во својата пресметка со неистомислениците, смислено и систематски се пресметува со нас, критичките новинари. Таа систематска пресметка почна одамна, премиерот, министрите и сите функционери оркестрирано почнаа да ги игнорираат нашите прашања, не ни гостуваа во емисиите и информативната програма, со еден збор, правеа ставовите на нив како официјални лица и официјалните институции да бидат недостапни за нас и така да не направат нерелевантни. Погодете кој им помогна во тоа? нашите “колеги” и пријатели приватно, сега перјаници во режимските медиуми.

На пример, кога пишував дека Субрата Рој е под сомнение за криминал, “колегите” од режимските телевизии оркестиранирано ме демантираа поддржани со изјави на министрите. Значи пишуваш на една тема, не добиваш став од надлежниот министер кој те игнорира, тој се појавува кај твоите “колеги”, те демантира, исмева и прави лажов. Дали сме им се лутеле? Не, едноставно си влегол во новинарството за да работиш за јавниот интерес, во име на граѓаните и не правиш трговија со професионалните принципи. Не тргале од вести, сме губеле работа, но тоа е цената на интегритетот.

Сега власта влегува во нов обид за пресметка со нас, ќе не лустрирале. Сигурно нашите “колеги” тоа ќе го стават во ударни термини, со изјави од функционерите. Јас не навлегувам кој е нивниот мотив што решиле да тргуваат со професионалните принципи, дали можеби за “кесичиња полни со паричиња” влегоа во валканата пропаганда на власта каде нема место за професионални вести, туку за сокривање информации, дезинформирање и манипулирање на гледачите.

Но сигурно нема да се тргам на страна за да не им го нарушам комодитетот. Ќе се срамам ако во ова време, особено во ваков општествен амбиент каде очигледно државата е под окупација на мала група луѓе кои со корумпирање на поддржувачи, заплашување и закани не држат сите во заложништво, се богатат на наш грб и работат за личен интерес, не застанам со сопствената биографија и интегритет да дадам придонес во борбата за слобода. Се срамам искрено и за нив, што се од другата страна на “барикадите”.

Ида Протугер Вељковиќ – Фејсбук статус