СЕПАК ШАНСИТЕ СЕ ДЕКА СЕ РАБОТИ ЗА ЧОВЕЧКА ГРЕШКА: АВТОБУСОТ КОЈ УСМРТИ 45 ЛУЃЕ БИЛ НОВ, КУПЕН ПРЕД САМО 3 ГОДИНИ

0
391

Сè уште трае истрагата за несреќата во која загинаа 45 патници, а седум лица се повредени откако македонски автобус се запали на магистралниот пат „Струма“, на потегот Софија – Благоевград. Според првичните информации од истражните органи во Бугарија, во автобусот вкупно имало 52 лица од кои загинаа 45, а седум се хоспитализирани во болницата „Пирогов“ во Софија. Од загинатите, 12 се деца.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски синоќа на прес-конференција истакна дека истрагата за автобуската несреќа ја водат бугарските истражни органи, како и дека е испратен наш тим од МВР да помогне во истрагата.

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски соопшти дека е почната постапка за одземање на лиценцата за работа на „Беса транс“, бидејќи од добиените сознанија превозникот вршел меѓународен превоз без извод од лиценца за автобусот, а Владата го задолжила Државниот инспекторат за транспорт да изврши вонреден инспекциски надзор.

Опожареното возило не било пријавено од превозникот, согласно член 11 став 5 од Законот за превоз во патен сообраќај, и поради тоа возилото го нема во електронската база на податоци на Министерството за транспорт и врски.

„Во овој момент, додека трае истрагата, не можеме да знаеме колку пати ова возило ја напуштило државата и вршело ваков тип на превоз, рече Бочварски на новинарско прашање за контролите на автобусот.

Според јавниот обвинител Љубомир Јовески можни се два причини за автобуската несреќа – човечки фактор или техничката неисправност на возилото.

За причините во овој момент не може да се каже. Сите прашања се отворени. Впрочем затоа се води и истрагата. Нашите колеги јавни обвинители од Република Бугарија со кои имаме одлична соработка ги фиксираат сите траги и прибираат податоци, истакна Јовески и додаде дека станува збор за пообемни вештачења.

Тој посочи дека обдукцијата на телата ќе се врши во Бугарија, додека биолошките траги на роднините на починатите ќе се земаат во Институтот за судска медицина во Скопје и веднаш ќе се достават во Бугарија.

Во Софија беше и шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција Вилма Русковска, која посочи дека увидот сè уште трае и оти не може да кажа подетални информации.

Директорот на бугарската Национална истражна служба Борислав Сарафов, изјави дека заедно со македонските колеги го прецизирале начинот на кој ќе се работи истрагата за несреќата. Според Сарафов, за неколку дена се очекува да бидат готови резултатите од ДНК анализата, за со сигурност да се идентификуваат жртвите од несреќата на автопатот „Струма“ во Бугарија.

Бугарија очекува од Северна Македонија да испрати биолошки материјал од роднините на загинатите во опожарениот автобус за да се завршат работите на ДНК тестовите, изјави Сарафов.

Тој посочи дека во тек се распити на жртвите и очевидците, но дека сè уште не е јасно што ја предизвикало експлозијата. Останатите три автобуси, појасни Сарафов, се движеле 15-20 минути пред тој што се запали, како и дека во него имало и втор возач, но не е јасно дали е меѓу преживеаните. Возилото било релативно ново, околу три години и претстои сложено форензичко и техничко вештачење.

Автобусот со македонска регистрација влегол во Бугарија од Турција преку граничниот премин „Капитан Андреево“ нешто по 21 часот, а несреќата се случила околу 2 часот по македонско време на магистралниот пат „Струма“ на потегот Софија – Благоевград.