СДСМ песимист, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ оптимисти за преговорите

0
1238

Претставниците на политичките партии кои и денеска разговараа со амбасадорот на ЕУ во Македонија, Аиво Орав, и со американскиот амбасадор Џес Бејли за надминување на политичката криза во земјава, повторно излегоа со различни впечатоци околу напредокот на разговорите, пренесува „Мета“.

За СДСМ не станува збор за некои посебни поместувања.

– Не може да се преговара и да прифатиме во избирачкиот список да останат имиња кои ниту со теренски, ниту со вкрстени проверки не може да бидат верификувани. Ние сакаме список кој е соодветен на реалноста во земјата. Исто така, нема никакви сигнали дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да се откаже од контролата на медиумите – рече Рената Дескоска, претставничка од СДСМ.

Таа додаде и дека не се знае дали до 15 јули ќе има договор, а нема никаква најава и за лидерска средба.

Претставникот од ДУИ, Артан Груби, остана на вчерашниот став дека има напредок и дека со конструктивност, многу бргу може да се организираат фер и демократски избори.

– Јас сè уште сум оптимист и сметам дека напредок има. Ако има конструктивност од македонската опозициска партија, многу бргу може да имаме фер и демократски избори – рече Груби.

Одговарајќи на новинарско прашање, Груби рече дека конкретниот напредок тој го гледа во тоа што од страна на ДУИ има конструктивни предлози.

Никола Тодоров од ВМРО-ДПМНЕ, пак, рече дека има поголем напредок и дека е поголем оптимист во споредба со вчера.

– Стравот на СДСМ од избори и од соочување со граѓаните е повеќе од очигледен – рече Тодоров.

Тој додаде дека СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се согласиле околу барањата на опозициската партија за избирачкиот список, а и во голем дел од предлозите за медиумите.

– Не се согласивме само околу казните за медиумите затоа што од СДСМ бараат поголеми казни, а ние – симболични, од едно евро – одговори Тодоров.

Одговарајќи на новинарско прашање дали оптимизмот го црпи од новата еврообврзница и од задолжувањето, пари кои, наводно, ќе се користат за популистички мерки, Тодоров рече дека задолжувањето не е причина за оптимизмот туку дека ВМРО-ДПМНЕ сака со инвестиции и со проекти да го направи животот на граѓаните подобар.

Претставникот од ДПА, Имер Алиу, не даде изјава за медиумите.