„Нелегитимната власт на Никола Груевски вчера доби уште еден сериозен дипломатски шамар, овој пат од Европската Енергетска Заедница, со предупредувањето дека на Македонија и се оставени два месеца да ја реализира меѓународната обврска за целосна либерализација на пазарот на струја. Дали за Груевски и неговата група и официјалното мислење на Европската енергетска заедница е “креирано, сечено, лепено и прелепувано“ од опозицијата“, стои во денешното соопштение на СДСМ.
„Вистината за Македонија почна да се излева од сите страни и стана видлива за сите.
Власта на Никола Груевски уништи `се што макотрпно се градеше во минатото.
Членството на Македонија во Европската Енергетска Заедница беше првата подадена рака за земјата од страна на ЕУ. Ова членство ја стави Македонија рамо до рамо со земјите од ЕУ. Силната поддршка од страна на Европската Енергетска Заедница во минатото, во голем дел придонесе за позитивните извештаи што ги добиваше Македонија од ЕУ.
Оваа нелегитимна и корумпирана власт на Груевски очигледно не сака никакво членство во ЕУ и сака да ја турне Македонија во уште поголем ендек.
Силните критички пораки, директно од директорот на Секретаријатот на Европската Енергетска Заедница, Јанез Копач, дека “штетните владини политики ја водат Македонија во `се поголема изолација од меѓународната заедница“ се само уште една потврда на предупредувањата дека Груевски и групата околу него ја уништува иднината на државата за лични цели.
СДСМ во континуитет реагираше на сите погрешни потези на власта. Реагиравме и на одлагањето на процесот на либерализација и на лажната загриженост на власта за цената на електричната енергија.
Наш став и кога Владата ја донесе оваа одлука и денес е дека цената на електричната енергија за домаќинствата не се чува ниска со непочитување на договорите со ЕУ, туку со зголемено домашно производство, со намален увоз на електрична енергија и со оптимално искористување на домашните капацитети. Либерализацијата на пазарот со електрична енергија е процес што дава можност за уште пониски цени и во којшто е стеснет просторот за малверзации и корупција.
Бараме Владата веднаш да постапи согласно препораките од Европската Енергетска Заедница. Во спротивно сите одговорни во Владата ќе се соочат со одговорност и за исклучувањето од ЕЕЗ што и се заканува на Македонија, за енергетските и економските последици врз граѓаните и државата, бидејќи земјава ќе биде единствената изолирана на Балканот и дополнителниот дипломатскиот срам“, стои во доопштението на СДСМ.