СДСМ ГЕВГЕЛИЈА : ЗОНСКОТО ПАРКИРАЊЕ, УШТЕ ЕДНА ПРОМАШЕНА МЕРКА НА ЛОКАЛНАТА ВЛАСТ

0
246

Неспорно е дека изминативе неколку години се чувствува нагласена потреба од регулација на сообраќајот во Гевгелија, посебно во централното градско подрачје. Но, самото воведување наплата за паркирање не е доволна мерка за решавање на еден така крупен проблем за градот.

Зонското паркирање може да функционира само доколку бидат обезбедени соодветни предуслови кои ќе овозможат посеопфатни мерки за постигнување на посакуваните ефекти. Притоа, исцртувањето на зоните и воведувањето наплата треба да биде последната мерка во низата регулативни мерки. Разбираме дека тоа е најлесната и најдоходовна стапка, но одговорна политика значи земање предвид на правата и интересите на граѓаните, а не само полнење на општинската каса и вработување на заслужни партиски кадри.
Сеопфатно регулирање на сообраќајот во централното градско подрачје треба да подразбира пред сѐ мотивирање на граѓаните да користат други начини на движење и превоз и отварање на одржливи алтернативи за остварување на тоа. Во таквата сеопфатна програма прв чекор треба да биде изградба на велосипедски и пешачки патеки, како и паркинг за велосипеди во центарот на градот. Втор чекор треба да биде воспоставување на редовен и чест линиски превоз меѓу населените места и градот.

Трет чекор треба да биде создавање на нови паркинг места за автомобили во непосредна близина на градскиот центар – преку изградба на катна гража или монтажни паркинзи на неколку локации. Покрај сево ова, може да се воведе и затворање на строгиот центар за автомобили меѓу 8 и 17 часот секој работен ден и привремено претворање на тој дел од градот во пешачка зона. Откако сево ова ќе се реализира, преку една широка дебата со граѓаните и преку солидна информативна кампања, може да се пристапи кон воведување на зонско паркирање, но повторно нагласуваме со промислување и во дискусија со јавноста.

Вака како што е изведено зонското паркирање во Гевгелија е поразително и контрапродуктивно за сите. Гевгелиските улици наликуваат на времето на пандемијата. Граѓаните кои живеат во населените места немаат друг начин да дојдат до градот да ги завршат своите обврски или да дојдат до своите работни места освен со автомобил се соочуваат со сериозен секојдневен проблем. Странците исто така се во нејаснотија за тоа како треба да постапат – а голем дел од нашата локална економија се базира на трговијата и услугите кои ги пружаме на странците.

Дуќанџиите од централното градско подрачје се чувствуваат дискриминирани во ваква ситуација затоа што доаѓа до пренасочување на трговската активност кон оние трговски објекти надвор од зоната за платен паркинг. Истовремено, големи реакции има од оние граѓани кои живеат во реонот непосредно до зоната на платен паркинг каде сега е пренасочено паркирањето, а со тоа и хаосот.

Локалната власта, во недостиг на идеи и решенија, лишена од допир со реалноста и со сите проблеми со кои се соочуваме ние граѓаните, донесе мерка без да ја консултира јавноста, без да ги слушне нашите добронамерни забелешки, без да реализира подготвителни мерки. Впрочем, се чини дека на локалната власт воопшто не ѝ било важно да го реши проблемот на конструктивен, одговорен и одржлив начин туку само да воведе наплата на паркинг, да ја полни касата и да вработи неколкумина Неспорно заслужни партиски активисти. Одовде јасен е револтот кај сите засегнати групи граѓани. За жал веќе сведочиме како оваа непромислена мерка веќе почнува да нанесува штети на граѓаните и на бизнисот.
Почитувани,

Општинската организација на СДСМ Гевгелија нуди на локалната власт целосен концепт за решавање на проблемот со преоптовареноста на сообраќајот во централното градско подрачје. Ја повикуваме локалната власт веднаш да ја повлече оваа мерка и потоа да ги реализира предлозите кои ние ги даваме, а потоа по реализацијата на сите овие предлози и во отворена дискусија со јавноста заеднички ќе одлучиме како понатаму.