САРАЈ ГАЗИ БАБА И ЧАИР ЛИДЕРИ ПО БРОЈОТ НА ЗАРАЗЕНИ ВО СКОПЈЕ ВО ПОСЛЕДНИТЕ 10 ДЕНА!

0
1302

Оваа мапа ја претставува последната слика за бројот на активни случаи на ковид-19 во Македонија. Тоа што паѓа во очи е дека речиси половина од актуелните болни се во Скопје, а уште приближно 20% се во Тетово. Останатите 30% заразени се распрскани низ целата држава. 

Овој податок не е единствениот кој укажува дека има поместување на жариштата на коронавирусот во земјата.

Според податоците на Министерството за здравство, во последните две недели, 47,9% од новите случаи се од Скопје, а 19,3% од Тетово. Куманово, кое до скоро беше најкритично, сега има само 7,1% од новите случаи во последните две недели. Од остатокот од државата, каде живее повеќе од половината на населението во земјава, доаѓаат останатите 25,8% од новозаболените.

Но, тоа што Скопје останува жариште на ковид-19, не значи и дека заразените се еднакво распоредени во целиот главен град.

Според податоците од Центарот за јавно здравје – Скопје, заклучно со вчерашниот ден речиси две третини од 199-те активно болни во Скопје се во општините Сарај, Гази Баба и Чаир, при што Сарај е на врвот со 41 случај.

А Сарај, со своите 44 000 жители, е далеку од најголема општина во Скопје. Градоначалникот и шеф на кризниот штаб Блерим Беџети вели дека и самиот е загрижен.

Но, во исто време обвинува дека токму во овој критичен период не добива официјални информации за состојбата со ковид-19 во неговата општина, туку тоа го прави по приватни канали.

„Неофицијално сум информиран врз основа на контакти што ги имам и со полициската станица и со директорот на Центарот за јавно здравје во регионот на Скопје. Од нив имаме информации и верувам дека треба да се избегне овој пропуст за да можеме заедно да ги информираме граѓаните што е можно повеќе, затоа што и мерките и препораките ги носат тие, а не локалната власт. За да сме само повнимателни и сите заедно да придонесеме, почитувајки ги мерките за да се избегне ширењето на бројот на заразени”,вели Беџети.

Од Министерството за здравство велат дека ниту кризниот штаб ниту градоначалникот се цел на „посебен третман“ од власта.

“Службата за односи со јавноста во Министерството за здравство информира согласно статистиката на Институтот за јавно здравје, кој води евиденција на национално ниво, односно по подрачни единици. Од информациите кои ги добивме, Институтот за јавно здравје не ги информира општините за состојбата, туку пациентите” велат од Министерството за здравство.

Независно од односите меѓу централната власт и општината, апелите за заштита од ковид-19 беа испраќани до граѓаните на цела држава. Пораките стигнале и во Сарај, но не само што не може да се каже дека повеќето ги почитуваат, туку има и такви кои не веруваат дека вирусот постои.

„Корона?! Нема корона, само се зафркаваат со народот.

– Дали се плашите вие од корона?

Не, Нема корона, нема ништо.

– Лекарите велат дека има?

Каде се тие луѓе што се болни, зошто не ги објавуваат? вели жител на Сарај.– Колку години имате?
76.

– Со здравје, како сте во последно време?
Жив човек, нормално е некогаш да има проблем, ама корона – не”

“ Вие лично не се плашите?

Каков страв?! Еве каде ми виси оваа маска, само за да не ме казнат 20 евра, а за коронавирус ова ништо не штити” вели таксист од Сарај.

Еден жител на Сарај беше убеден дека го поминале коронавирусот порано, уште пред да се знае за него. 

„Кај нас беше поодамна, но не го знаевме неговото име. Тогаш сите амбуланти беа со болни, сега нема“, вели друг жител на Сарај.

Од друга страна се жителите на Сарај кои се свесни за опасностите и ги почитуваат мерките.

„Сметаме дека тоа може да се случи и кај нас. Мора да бидеме претпазливи, треба малку повеќе да ги почитуваме препораките и законот со маски.

– За општина Сарај се вели дека е ново жариште, има многу заразени?

Се зборува дека има многу заразени. Има и мртви, но не знаеме точно во кои села. Но, не е работата да се зафркаваме”, вели друг жител на Сарај.

Директорот на Центарот за јавно здравје – Скопје, кој патем и самиот е од Сарај, е еден од стручните лица во земјата кој смета дека ковид -19 можеби бил присутен и претходно во земјава, пред се поради големиот број неефикасни вакцини и лекови против сезонскиот грип годинава. Но тоа, според него, никако не значи дека граѓаните не треба да ги почитуваат мерките, бидејќи вирусот сè уште е тука.

“Мојот апел е да се почитуваат мерките предложени од Комисијата за заразни болести. Како една од клучните мерки, би рекол, е да не се собираат граѓани во многу големи групи и да се одржи таа социјална дистанца. Сè додека нема лек или вакцина, единствениот начин и пат останува социјалното дистанцирање и почитување на мерките што ги предлага Комисијата за заразни болести“, вели директорот на Центарот за јавно здравје Арбен Зибери.

Зибери вели дека Сарај е потенцијално жариште. Но, барем во моментов, состојбата е споредлива со онаа во Аеродром и Центар, кога таму имаше поголем број активни случаи.

„И во моментот ја имаме ситуацијата под контрола, зборувам од епидемиолошки аспект и ги следиме сите случаи. Значи, на сите заразени лица кои се во општина Сарај, ги тестиравме нивните први контакти и денес кога разговараме во општина Сарај, досега дијагностицирани се некаде 44 случаи и чекаме наредните денови и денес кога разговараме за да видиме како ќе бидат резултатите на другите лица кои беа тестирани и, нормално, нивните примероци се испратени до Институтот за јавно здравје каде се обработуват”, вели Зибери.

Сарај не е единствената општина која во изминативе недели е во фокусот како можно жариште. Во првата половина на месецот тоа беше Велес, каде заразата се прошири преку контакти во поголема фирма. Кон крајот на мај се појавија неколку критични места. Тезата на властите е дека заразата се проширила на изолирани семејни собири. Меѓу потенцијалните жаришта се и Липково и Боговиње, но и скопските општини Чаир и Гази Баба.