САКАМ ДА КАЖАМ: Фини телетабиси

0
1355

1. Што беше оваа драма околу Уставниот суд, кој повторно му дозволи на претседателот да може да помилува кого сака, па и осомничени за изборни кражби? Којзнае колку им гори под нозе штом мораа вака набрзина да ги мобилизираат и судиите и партиското членство. Ем судиите да донесат одлука во експресен рок од три недели, ем да ја држат зградата на Уставниот суд под опсада. Море шатори, море автобуси, море спонтана ноќна мобилизација на јавната администрација, па мачкање сендвичи, греена ракија… Уште казани за храна фалеа. Како за вистинска војска.

Замислете како е кога од арно седење дома пред телевизор ви стига порака на мобилниот дека за пола саат се трга за Скопје. Баш ме интересира каков муабет си правеле во автобусите патувајќи во ниедно време во ноќта. „Што убаво им текна во седум навечер да нѐ викнат да патуваме за Скопје, а? Што бараме? Па, ќе ги браниме уставните судии. Малку ќе биде студено оваа ноќ, ама убаво се облековме, а и сендвичи ќе ни дадат. Плус утре не мора на работа да одиме…“

На бранителите на уставните судии им беше кристално јасно зошто се собрани. Тоа се виде од одговорите што ги даваа на телевизија. Еден рече дека протестира за „да падне оваа техничка влада“. Друг рече дека дошол да ги брани институциите. Трет рече дека дошол пред Уставниот суд да се бори против предавниците. Една госпоѓа кажа дека е против изборен криминал. А еден господин му кажа на репортерот: „Оди прашај некој попаметен од мене“. Човекот не требаше да биде толку искрен. Оти неговата искреност во случајов ја компромитираше благородната идеја на неговите истомисленици кои спонтано дошле да ги заштитат институциите од нападот на соросоидите и комуњарите . Да сум јас на место на организаторот, оваа негова искреност би ја казнил. Во најмала рака, не би му дал сендвич.

2

Ниту една револуција во светот не би успеала ако луѓето низ историјата ја имале паметта на сегашните ВМРО-вци. Тие треба да го патентираат изумот „контрапротест“, да се изучува како воена доктрина. Во воените учебници ќе бидат забележани како развој на воените доктрини од Александар до Никола. Фалангата на Александар ќе се изучува како напаѓачка, а контрапротестите на Никола како одбранбена доктрина.

Олеснителна околност за Груевски е што од другата страна ги има СДСМ и неколку невладини организации, кои и по десет години сѐ уште мислат дека со него можат да се борат со фино. Тој со уплашена јавна администрација, со шатори, сендвичи, силни звучници, автобуси, комбиња и борбени песни, а овие финиве со претстава. Им играа „Телетабиси“. Оти се елита. И демек ќе ги исмејат контрапротестантите што им го узурпираа јавниот простор и си направија контрапростор, па ќе ги засрамат. Ха- ха!

Со „Телетабиси“ ли се урива режим? И со најава два дена однапред? За да им остават на ВМРО-вците доволно време да нарачаат автобуси, шатори и сендвичи. Два дена се закануваа на Фејсбук дека ќе бдееле пред Уставниот суд. Ама кога виде Груевски колку народ му собра против него, си ја ангажираше машинеријата. Ако можеше човечињата да се држат за рака и со патент на уста да си гласаат, зошто да не се повозат и до Скопје на контрабдеење? Автобусите со контрабдејачите уште ни Плетвар не го имаа искачено, а бранителите на Уставот од уставните судии веќе дома во пижами и влечки Фејсбук револуција креваа. Башка, да беше потопло може и ќе го одбранеа Уставот. Ама нема лидер за бдеење во трета смена.

Колумната на Горан Михајловски во целост прочитајте ја ОВДЕ