САД ПРЕКУ АМБАСАДОРКАТА КЕЈТ БРНС НА ЗЕМЈАВА И ДОНИРАА ЗАШТИТНА ОПРЕМА ПРОТИВ КОРОНАВИРУСОТ

0
416

Донација од САД, која се состои од заштитна медицинска опрема за борба против коронавирусот, примија денеска вицепремиерот Бујар Османи и министерот за здравство, Венко Филипче, во присуство на американската амбасадорка Кејт Мари Брнз.

„Еве нè денес на лице место каде се предава дел од онаа поголема најавена поддршка од над еден милион долари. Се работи за различна заштитна облека – маски, одела итн., кои се наменети за лекарите, за епидемиолозите и останатите здравствени работници. Оваа опрема им се става на располагање на Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје, на кои секако им е најпотребна, имајќи предвид дека опремата ќе ја користат медицинските лица кои се првата одбрана на земјата од епидемијата“, истакна Османи, кој воедно изрази и благодарност до САД и до амбасадорката.

Министерот за здравство, Венко Филипче, заблагодарувајќи се за донацијата, за која истакна дека во овие моменти е неопходна за справувањето со коронавирусот во земјава, истакна дека истата значајно ќе им помогне на здравствените работници при извршувањето на работните обврски.

Извор : МакФакс