РУСИЈА ГИ УСВОИ ИЗМЕНИТЕ ВО КРИВИЧНИОТ ЗАКОНИК : ДО 15 ГОДИНИ ЗАТВОР ЗА ЛАЖНИ ВЕСТИ И ДИСКРЕДИТИРАЊЕ НА РУСКАТА ВОЈСКА

0
356

Руската Државна дума денеска едногласно ги усвои измените на Кривичниот законик, според кои за изнесување лажни информации за дејствата на Војската на Русија и воените операции и дискредитацијата на војската е предвидена казна до 15 години затвор. Овие измени се носат во ек на руската инвазија врз Украина, кога Москва ги задушува медиумите и им се заканува на новинарите кои известуваат за жестокиот отпор од украинските сили и покрај големата руска воена надмоќ.

Шефот на комитетот на Думата за безбедност Василиј Пискарјов изјави дека првиот дел од измените на законот се однесува на авторите на лажни информации и тие кои ги шират, а за нив е предвидена затворска казна од три години.

Ако тоа го прават користејќи за службената положба и во група, со користење интернет, предвидена е казна од 5 до 10 години затвор.

Доколку лицето кое шири лажни вести и добро знае дека се лажни и имаат опасни последици за општеството, тогаш следи казна до 15 години затвор, објасни Пискарјов.

Со измените е предвидена и казна за повикување на воведување антируски санкции.

Претседателот на Думата Вјачеслав Володин рече дека измените веднаш се испратени во Горниот дом, Советот на Федерацијата, и дека очекува „буквално утре да бидат на сила“.

Рускиот медиумски регулатор Роскомнадзор им нареди на медиумите во земјата да објавуваат само информации обезбедени од официјални извори. Исто така се забранува употреба на зборовите војна или инвазија за нападот врз Украина, туку тие треба да го викаат „специјална воена операција“.

Претходно денеска, Роскомнадзор соопшти дека го „ограничил“ пристапот до независните медиуми, меѓу кои сајтовите на Радио Слободна Европа, руските сервиси на Дојче веле и Бибиси, како и Фејсбук и Твитер. Исто така е ограничен пристапот до продавниците за интернет апликации на Епл и на Гугл.

Еден од најпопуларните руски медиуми, радиото Ехо Москви вчера соопшти дека прекинува со работа, барем привремено, откако нивниот сигнал беше исклучен оваа недела поради известувањето за инвазијата.