Инспектори на Управата за јавни приходи (УЈП) вечерва влегле на настанот организиран од Бојан Јовановски, познат како Боки 13, и Стефан Лазаров, кои без дозвола од Министерството за финансии организираат наградна игра, пренесува Радио Лидер.
На настанот, кој се одржува во локалот Cabaret Clique во Штип, присутните купуваат билети за да учествуваат во наградната игра. Настанот се пренесува на YouTube каналот на Стефан Лазаров, каде се гледа како Боки 13 и Лазаров доделуваат награди на учесниците. Ова е кривично дело, бидејќи наградната игра не била пријавена во Министерството за финансии, а за учество на настанот се плаќа влезница.
Иако настанот сѐ уште трае, како што дознаваме, инспекторите на УЈП моментално го испрашуваат сопственикот на објектот во кој се организира играта. Во моментот на објавување на текстот, има пауза во доделувањето награди.
Останува да се види дали инспекторите ќе го прекинат настанот, или ќе го дозволат да заврши.
Боки 13 и Лазаров денеска демантираа дека се работи за криминал но индициите дека се крши законот се силни.