Учениците од прво до четврто оддление, како и тие од шесто и седмо од Основното училиште „11 Октомври“ во Скопје денеска не дојдоа на настава. Ваквата одлука за бојкот е донесена во знак на протест поради префрлање на ученик кој претходно бил отпишан од друго училиште поради насилно и проблематично поведение. Одлуката била донесена од Советот на родители, кои стравуваат дека насилното однесување на ученикот ќе се повтори и во новото училиште.
„Имаме деца кои работат по индивидуална програма, кои што деца со таков статус би дошле физички присутни со деца кои имаат насилно поведение, верувајте дека веќе зборуваме за загрозување на лично здравје, не само на тие ученици, туку и на останатите“, рече Горан Нациќ, претставеник од родителите од училиштето „11 Октомври“.
Новиот ученик претходно бил отпишан од основното училиште „Лазо Анѓеловски“ поради проблематичното однесување и првично бил примен во „11 Октомври“. Директорката на училиштето Даница Блажевска тврди дека таа дала согласност ученикот да биде запишан, но вели дека била доведена во заблуда, зашто од неа и од училишната управа бил скриен фактот дека детето во претходното училиште имало изречени мерки.
„Во овој случај ние не ја мавме фактичката состојба каква е и затоа ја дадовме согланоста. Бидејќи ги добивме документите од страна на родителите, ние после тоа испративме официјален допис до училиштето „Лазо Ангеловски“ во кое ги известуваме дека ја повлекуваме согласноста која не е согласно упатството спроведена и во случајот нема правна важност“, изјави Даница Блажевска директор на ОУ „11 Октомври“.
Блажевска истакна дека процедурите за преместување на ученик мора да вклучуваат транспарентна соработка помеѓу училиштата, локалната самоуправа и Министерството за образование. Вчера бил направен инспекциски надзор, од страна на државен просветен инспекторат и се чека на официјален записник и решение. Незадоволството кај родителите и кај наставниот кадар е големо. Бојкотот на наставата утре се очекува да се прошири и со другите паралелки.
Извор : АлфаТВ