Семејствата на трагично загинатите млади во пожарот на 16 март во дискотеката „Пулс“ во Кочани ја одбија поканата од Кабинетот на премиерот Христијан Мицкоски за средба закажана на 13 мај во Скопје.
Во соопштение испратено до медиумите, родителите наведуваат дека причината за одбивањето е доцнењето на поканата бидејќи тие уште претходно побарале средбата да се одржи во Кочани.
-Сметавме дека предлогот за средба во Кочани е разумен и оправдан, особено затоа што дел од родителите не се во можност да патуваат поради последиците од трагедијата – велат во писмото.
Од семејствата исто така појаснуваат дека нивниот став не е израз на целосен консензус, туку одраз на мислењето на мнозинството меѓу нив.