Рецензија на вестите од јавниот сервис – за МРТ референдумот не е важен

0
490

mrt rec

Дневник 2, МТВ1 – 19:30
Уредник-водител на ден: Горан Петрески

За МРТ не е важен референдумот

Резиме

Централниот дневник на МРТ наликуваше на платена политичка програма на владејачката партија, со оглед на тоа што поголемиот дел од вестите беа посветени на изјави од премиерот Никола Груевски.

Од собирот на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид беа направени два прилози со 4 изјави од премиерот, а за времетраењето на вестите постојано одеа нови наслови од типот „Груевски: Ќе победиме како Касиус Клеј“, „Груевски: Институциите ќе постапат одговорно“, „Нема да успее сценариото за дестабилизација“ и слично.

На вестите не беа презентирани детални содржини од „политичката бомба“ на опозицијата во Гостивар, а денешниот референдум за ГТЦ беше претставен само со една изјава од невладината „Мост“.

Што содржеа вестите?

Најавата на централните вести беше посветена на 4 главни теми:

  1. Груевски: Институциите ќе постапуваат одговорно
  2. Нова железничка несреќа во Македонија
  3. Земјотресот во Непал
  4. Нова британска инвестиција во Македонија што ја најавува Груевски

Вестите започнаа со детален прилог за земјотресот во Непал, а продолжија со прилог кој траеше повеќе од 2 минути за нова британска инвестиција што ја најавил премиерот Груевски на собирот во Охрид. Освен за новата инвестиција, во прилогот се зборуваше и за нов сет економски мерки, градење затворен базен за охриѓани, намалувањето на невработеноста во охридскиот регион, сето тоа заокружено со две изјави од премиерот и заклучок дека „сите мерки се во корист на граѓаните“.

Овој прилог наликуваше на платена политичка програма, исто како и прилогот кој одеше петти по ред и кој беше најдолг од сите останати прилози, со наслов „Институциите одговорно за предизвиците“. Не беше јасно дали во прилогот се зборува за инцидентот во Гошинце, за нови вработувања или пак за наводна дестабилизација што сака да ја направи опозицијата. Сето ова беше собрано на едно место, повторно придружено со две изјави на премиерот, каде што тој вели дека му се гади од антидржавната реторика, дека мудро ќе одговори на агресиите од опозицијата и дека нема да успее сценариото за дестабилизација на државата. По завршувањето на прилогот, уредникот и водител на вестите Горан Петрески прочита една реченица, реакција на СДСМ за изјавите на премиерот.

Вестите во централниот дневник содржеа два прилози за мигрантите, едниот посветен на новата железничка несреќа, а вториот репортажа за глобалниот проблем со мигрантите во светот. Првиот прилог содржеше детали за железничката несреќа, а новинарката го посетила местото на несреќата. Во прилогот беа презентирани и снимки од Прифантиот центар за странци на МВР, како место во кое се сместуваат мигрантите кои ќе бидат фатени во државава, но беше изоставено да се каже за жестоките реакции на домашните и меѓународните реакции за условите во овој центар, кои се под секакво човечко достоинство.

За политичката бомба на опозицијата во Гостивар беше направен посебен прилог, но без никакви детали за тоа што содржеле разговорите кои беа објавени. Новинарот објави дека станувало збор за разговори за „партиски пазарења за избори“ и имињата кои биле вклучени во разговорите, без воопшто да навлезе во нивната содржина. По завршувањето на прилогот, беше објавена реакција на ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на СДСМ, но ништо од ова не можеше да биде разбрано со оглед на тоа што од прилогот не можеше да се види за што всушност била „политичката бомба“.

За денешниот референдум за ГТЦ на централните вести беше одвоена само една минута, изјава од извршниот директор на граѓанската асоцијација МОСТ Дарко Алексов за тоа со колку набљудувачи ќе го следат референдумот и повик да се излезе и да се гласа. Уредништвото на МРТ најверојатно не сметало дека е важно да им претстави на гледачите што значи референдумот, за што се гласа и да ја долови важноста на еден историски чин во државата.

Сите останати прилози на централниот дневник на МРТ беа „розеви“, почнувајќи од тоа каде ќе патуваат граѓаните за претстојните празници на 1 мај, преку репортажа од Беровскиот манастир, изјава на градоначалникот на Скопје Коце Трајановски за продолжување на реконструкција на булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“ до соработка меѓу Македонија и Долна Нормандија.

Заклучок

Според сето ова, МРТ во вчерашните вести ни оддалеку не го запази принципот на балансирано известување. Токму напротив, вестите наликуваа на маркетинг на политиките на власта, со сосема кратко и недоволно известување за активностите на опозицијата и прилози кои се важни за правата на гледачите, како референдумот во Центар.

Доколку граѓаните го гледаа вчерашниот дневник на јавниот сервис, единствениот впечаток што можеа да го добијат е дека Македонија е еден розев свет во кој цвета економијата, бизнисот и вработувањата, додека опозицијата има неважни и ирелевантни обиди да ја загрози безбедноста на државата.

 

Новинарски пленум

Рецензент: Мери Јордановска