Ременски: Вработени во институции под надлежност на Министерството агитираат за ВМРО-ДПМНЕ

0
954

Интегрално ја пренесуваме прес-конференцијата на министерката за труд и социјална политика Фросина Ташевска-Ременски, која информираше за извршени надзори над законитоста на работата на повеќе институции под надлежност на Министерството и констатираните злоупотреби на службената положба од страна на дел од вработените.

„Овластени вработени лица во Министерството за труд и социјална политика во текот на вчерашниот ден извршиле надзор над законитоста во работата на Центарот за социјални работи во Струмица, Домот за стари лица во Прилеп и увид на лице место во домови на корисници на социјална помош во месноста викана Баир во Битола и с. Криволак Неготинско.

– По пријави од страна на корисници до Министерството дека, вработени лица во центри за социјални работи и директори ги посетуваат корисниците во својство на претставници на политичка партија и вршат дејствија кои се строго забранети и санкционирани со одредбите од Законот за социјална заштита, Изборниот законик, Законот за спречување на корупцијата и писмените наредби на министерот за воздржување од секаков вид на употреба и злоупотреба на корисниците на социјална помош во политички цели и злоупотреба на службената положба на вработените во центрите за социјални работи. Од вчерашните активности изготвени се три записници – информираше Ременски.

Во записниците се констатира дека ЦСР Струмица раководен од директор со неисполнета законска обврска за склучување на менаџерски договор со министерот, со зголемена динамика во текот на еден месец изготвил повеќе од 198 решенија за право на помош и нега од друго лице. Од прегледаните 55 досијеа по случаен избор констатирано е дека, сите решенија се изготвени спротивно на роковите предвидени во Законот за управната постапка, а 34 решенија се изготвени на денот кога се забранува предизборното делење на решенија наведени во наредбата од министерот, рече таа.

– Имаме основани сомненија кои ќе ги потврдиме со инспекциски надзор дека, истата пракса се случува и во Куманово со изготвени 239 ременија за туѓа нега, Тетово со 330 решенија за туѓа нега, Кисела Вода со 172 решенија, карпош со 120 решенија, Чаир со 164 решенија, Гази Баба со 145 решенија и други.

Во Битола при посетата на корисници на социјална помош кои пријавиле партиска активност на политичка партија записнички е констатирано дека активистка од политичка партија делела пари на рака како „подарок“ како противуслуга за глас на изборите и било барано од истите да се потпишуваат на список дека примиле пари.

Исто така, констатирано е дека на 3 декември повеќе екипи од политичка партија во ромското маало во Битола на мештаните им нуделе 400 денари, а како противуслуга ги фотографирале со нивните лични карти како ги држат во рака. Покрај овие записнички констатирани факти се укажува наконстатнтно и засилено заканување со укинување на социјалната помош доколку не се гласа за политичка партија – рече министерката Ташевска-Ременски.

Таа информираше дека во село Криволак, Неготинско записнички е констатирано и пријавено во полициска станица дека директорката на ЦСР Неготино во придружба на директорката на Јавното комунално претпријатие Неготино, излегуваат и одат во домови на лица корисници на социјална помош во својство на претставници на политичка партија.

– Активноста на директорката на ЦСР Неготино е спротивна на законските одредби кои повлекуваат кривична одговорност и се спротивни на наредбата на министерот во која строго се забранува службени лица во јавните установи за социјална заштита да истапуваат како партиски активисти и за време на работа и вон работно време и да не злоупотребуваат податоци за корисници на социјална помош во партиски цели и изборни таргетирања – констатираше министерката Ташевска-Ременски.

Исто така, по добиени сознанија од медиумски прилог на невладината Цивил извршен е увид во Домот за стари лица во Прилеп по пријава. Записнички е констатирано дека, на дел од штитениците вработени лица им ги зеле личните карти, а кај други дека личните карти се кај нивни блиски роднини на штитениците.

– Во насока на спречување на секаков вид на манипулации со штитениците сместени во државните старски домови во Република Македонија до директорите доставивме известување во кое укажуваме на строгото почитување на правата на штитениците и недозволивото одземање на личната документација од страна на неовластено лице. Записнички е констатирано дека во старскиот дом во Куманово воопшто не е постапено согласно со одредбите од Изборниот законик за пријава за гласање ден пред датумот утврден за избори. Имајќи го во предвид сето горенаведено, до надлежните институции веќе доставиме соодветни пријави за утврдување на кривична одговорност за посочените лица и други лица по претходни пријави, а истовремено испративме допис до Државната изборма комисија и набљудувачката мисија на ОБСЕ во Република Македонија – информираше Ташевска-Ременски.

Таа рече дека како министер задолжен за организација и контрола на изборниот процес за прашањата поврзани со надлежноста на министерството, и до сега и од сега, нема да дозволи корисниците на правата од социјална заштита да бидат злоупотребувани, заплашувани и уценувани од ниту еден вработен во службите на центрите и министерството, а најмалку од претставници на политичките партии.

– Им порачувам на директорите во центрите за социјални работи да ја почитуваат наредбата што лично ја потпишаа и да се воздржат од испраќање на политички памфлети секогаш кога немаат аргументи за несоодветно постапување. Сакам да нагласам, дека ова не се однесува на директорите кои знаат што значи работење согласно со Закон – порача министерката за труд и социјална политика.