Украинци, кои бегаат од руската инвазија, пристигнуваат во Полска заедно со деца и со куфери. Вообичаено мирниот граничен премин Медику, сега го преминаа неколку десетици граѓани.
Полски официјални лица изјавија дека засега нема поголем бегалски бран, но според локалните медиуми, како и очевидци, расте бројот на лица кои пристигнуваат пеш.
Триесет и четиригодишниот Украинец Александар Бажанов побегнал од својот дом во источна Украина, заедно со сопругата и со малото дете. Со себе понеле само тоа што можеле да го носат, па пешачеле кон Полска.
Тој одлучил да тргне за Полска кога од колеги дознал дека војната почнала.
„Не чувствувам ништо друго, освен голем страв – изјавил Бажанов на граничниот премин.
Тој сака да го посети својот татко во Шпанија, но нема пари и не знае како ќе го направи замисленото.
Бажанов и неговото семејство се дел од Украинците кои бегаат од своите домови откако руските сили денеска наутро почнаа инвазија врз Украина. Путин ова не го нарече војна туку „посебна воена операција“ на источниот дел од земјата.
Средноевропските земји, што ја делат границата со Украина, веќе со недели се подготвуваа за очекуваниот бегалски бран.
Граничниот премин Медику досега, најчесто се користеше за прекугранично пазарење или за одење на работа.
„Сите мислеа дека западна Украина е сигурна, бидејќи е многу блиску до земји во ЕУ и НАТО – изјави 44-годишната Марија Палис, која исто така со своето и семејството на нејзиниот брат избегале од родното место.