РЕЖИМСКИТЕ ТАСТЕРИ СЕ НЕВИДЕНИ ШВЕРЦЕРИ : Власта сама, без опозиција, и по скратена постапка го донесе Законот за основање на Универзитет „Дамјан Груев“

0
1329

Пратениците на денешното продолжение на 107. седница го донесоа Законот за основање Универзитет за национална одбрана, безбедност и мир „Дамјан Груев“ во Скопје.

Заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски потенцира дека основната идеја  за основање на Универзитетот е да се зголеми квалитетот на високото образование, пред се во неколку области од исклучително значење за квалитетот на целокупниот развој на РМ. Кога се говори за неговиот почеток од 2016-2017 година, подвлече тој, се однесува на делот кој веќе функционира, а тоа е воената академија, воздухопловната школа и делот на Институтот за командни и штабни функции, кои исто така веќе се функционални, сега ќе се интегрираат во новиот Универзитет.

– Ангажирани пред се професори од странство, а наставата во најголем дел ќе се изведува на англиски јазик и нема да има големи и масовни квоти за запишување. Интенцијата е да се фокусира во насока на зголемување на квалитетот, а не на хиперпродукција на  дипломирани студенти, рече заменик министерот за образование и наука.

За пратеничката Солза Грчева, основањето на Универзитетот, како што рече, е политичи проект без никаква стратегија, што негативно ќе влијание во образованието, а се врши и дополнителен удар на УКИМ.

Илија Димовски, координатор на пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ, смета дека намерата со основањето на Универзитет за национална одбрана, безбедност и мир „Дамјан Груев” во Скопје е да се подобрат состојбите и работите во високото образование.

Според пратеникот од ДПА Орхан Ибраим, со основањето на Универзитетот меѓу другото наместо внатрешна интеграција и соживот се прави сегрегација.

Против основањето на овој универзитет е и пратеничката Роза Топузова Каревска.

Ставот на пратеничката група на СДСМ, која не присуствуваше денеска и вчера на собраниската седница, е дека со повлекувањето и повторно пуштање нов закон за формирање на Универзитетот „Дамјан Груев“, кој опфаќа формирање три факултети повеќе отколку што предвидувал претходниот, ВМРО-ДПМНЕ признала дека интерпелацијата за претседателката на комисијата за образование Олга Најденовска е основана и оти работи незаконски.

На дневен ред на седницата се и предлог законите за изменување на законите за високото образование, за основање универзитет во Тетово, за вработувањето и осигурување  во случај на невработеност, сите по скратена постапка.

Пратениците треба да расправаат и за Предлог законот за дополнување на Законот за јавните набавки, по скратена постапка, и за предложените измени и дополнувања на законите за земјоделство и рурален развој, за полиција, за внатрешни работи, за пензиското и инвалидското осигурување, за здравственото осигурување и за минерални суровини, по скратена постапка.