РЕЖИМОТ СЕ УШТЕ Е ИНФИЦИРАН ОД БУЏЕТСКО БЕСНИЛО: 1,7 милион евра за барокните фасади околу седиштето на ВМРО-ДПМНЕ

0
445

Приказната за барокен Центар се сели околу седиштето на ВМРО ДПМНЕ. Барокни фасади вредни речиси 1 милион и 700 илјади евра ќе добијат 4 згради, во кои се наоѓаат и државни институции кои ротираат околу новиот штаб на владејачката партија, објави Телма.

Се работи за објектите на Министерството за труд и социјала, Државниот завод за статистика, Трговскиот центар „Палома Бјанка“. Фирмата Трансмет од Скопје ќе треба да им даде нов лик на фасадите.

Од град Скопје велат дека и за овие фасади, како и за претходно реконструираните, појдовна точка е освежување на фасадите кои се во фаза на распаѓање и нивното реконструирање се врши според еколошки стандарди и ќе имаат енергетска ефикасност.

Стилскиот пристап на авторите, велат не е критеруим за избор.

Според Асоцијацијата на архитекти, ликот на Скопје одамна е неповратно променет, а главниот град е веќе непрепознатлив, без оглед дали барокот ќе продолжи да се шири.

-Мислам дека, особено во овој деликатен момент во нашата држава, да се продолжи да се прави ова во момент кога има позначајни работи за опстанокот на целата заедница и револтот на граѓаните е евидентен и очигледен и наречен е вандализам, а вандализам е се она што му се направи на градот не слушајќи никого од стручната јавност, мислам дека е повеќе од катастрофа, тврди Сања Раџеновиќ-Јовановиќ од асоцијацијата на архитекти.

Пред повеќе од два месеци, на седница на Советот на градот, беа утврдени изгледот на околу 15-тина објекти во централното градско подрачје. Во буџетот на градската власт за годинава се предвидени 5,7 милиони евра за реконструкција на фасади.